Советот на општина Кавадарци вечерва одржа свечена седница по повод денот на ослободувањето на Кавадарци.
Градоначалникот Митко Јанчев во своето обраќање се осврна на досега сработеното, притоа нагласувајќи дека е променет ликот на градот кој се развива во изминативе 75 години.
Кавадарци од 1945 година постојано се развива во сите свери. Кавадарци се движи по вистински пат. Тој пат е платен со животите на 333 борци. Наш приоритет е Кавадарци да стане општина за пример. Кавадарци доби нов лик со изменета инфраструктура. Поплочени се 9200 м2, а до крајот на годината ќе се поплочат улици и тротоари од 7000 м2. Асфалтирани се 46.000 м2, а до крајот ќе се асфалтираат уште 20.000 м2“ рече меѓу другото Јанчев.
Посочи дека годинава за прв пат е решен проблемот со недостиг на слободни места за децата во градинка. Ја најави изградбата на нова градинка. Исто така најави проширување на улица „Шишка“ со уште една коловозна лента и велосипедска патека. Се осврна на решените повеќе децениски проблеми во општината.
На свечената седница беа доделени седмосептемвриските награди. Годинава градот додели признанија на Јоана Коцева, од невладиниот сектор, која долги години се бори за рамноправност на жената. Од образованието признание „7 ми септември “ беше доделено на Златко Каров, професор во гимназија во Шведска, додека од бизнис секторот седмосептемвриска награда беше доделен на на Трајче Ристовски, чија транспортна компанија успешно работи надвор од Македонија.
Наградените искажаа благодарност на својот град, нагласувајќи дека Кавадарци секогаш им е во срце.
А.Д
Додади коментар