Општинскиот совет за безбедост на сообраќајот на патиштата во соработка со Полициска станица Кавадарци денеска организираше едукативно превентивни активости. Најпрво беше одржано предавање пред учениците од прво одд. од ООУ „Тошо Велков Пепето“ со почитување на сите мерки за безбедност.
„Грижата за децата е основната наша обврска , со цел да му се обезбеди весел, среќен и безбеден детски развој. Со видео проекции и разговори со децата ги едуциравме за основите правила во соораќајот и зошто треба да ги научиме и почитуваме истите. На децата им подаривме и пригодни поклони“ изјави претседателот на ОСБСП Кавадарци, Љупчо Лазов.
Вториот дел од активноста се реализираше со возачите на моторни возила. Истата имаше за цел подигање на свеста за поголема и редовна употреба на сигурносните појаси од страна на возачите и патниците заради заштита на нивниот живот.Им беа делени флаери кои упатуват на потребата за користење на сигурносните појаси.
Истражувањата и проценките покажуваат дека помалку од 40% од возачите користат сигурносен појас.. Согласно тоа, ОСБСП и Полицијската станица Кавадарци апелираат до возачите и патниците, при секое влегување во возилото задолжително да стават појас. Користењето на сигурносните појаси е законска обврска, како за возачите, така и за патниците на предните и задните седиштa, односно согласно ЗБСП секаде каде што во возилото фабрички се вградени појаси, возачите односно патниците се должни да ги користат. Возачите и патниците треба да знаат дека користењето на сигурносниот појас е наменето, пред сѐ, за нивна лична безбедност и лична заштита. ОСБСП потсетува дека целиот систем на пасивна безбедност кај новите возила зависи од тоа дали е ставен појасот, односно кај голем дел од современите моторни возила вклучувањето на воздушните перничиња директно зависи од тоа дали е ставен сигурносниот појас.
За некористење на сигурносен појас, законот предвидува парична санкција за возачите во износ од 40 евра во денарска противвредност и парична санкција за патниците од 50 евра во денарска противвредност, притоа паричната санкција се однесува исклучиво за лицето кое не користи појас, без разлика дали станува збор за возач или патник.
Сепак, возачите и патниците треба да бидат свесни дека најголема казна за некористење на појас се последиците од сообраќајните незгоди.
Затоа, СТАВИ ПОЈАС! За твоја безбедност!, порачуваат од ОСБСП и Полицијската станица Кавадарци.
Додади коментар