(ВИДЕО) Празникот Богојавление - Водици масовно прославен низ Тиквешијата
19-01-2018 РЕГИОН

 

КАВАДАРЦИ -  Голем број верници денеска го исполнија кејот на реката Луда Мара во Кавадарци каде се изврши голем богојавленски водосвет по повод верскиот празник Богојавление – Водици.

Дваесетина момчиња скокнаа во водите на Луда Мара по светиот крст, а среќата прв да доплива до него ја имаше 35 годишниот Глигор Плетварски од Кавадарци. Тој годинава за прв пат скокнал по крстот и им посака здравје на сите кавадарчани.

Централната богојавленска процесија ја следеа градоначалникот Митко Јанчев, претседателот на советот Ристо Сакалиев, советници и пратеници. Градоначалникот Јанчев честитајќи го денешниот празник нагласи дека Исусовото крштевање ни го покажува патот на човековото живеење и нашето духодно раѓање.

 

Плетварски на подарок од локалната самоуправа доби лап топ и златна плочка обезбедна од локалната самоуправа и златар „Перо“.

На централната манифестација на кејот на реката Луда Мара претходеше водосвет и во храмовите посветени на Свети Димитрија и Света Петка од каде свештениците и верниците со литија се упатија на кејот на реката.

И годинава Богојавленски водосвет се изврши на водите на Тиквешкото Езеро. 22 годишниот Никола Ристов беше најсреќен да доплива прв до светиот крст.

А.Д

 

 

 

 

БРАНА МОКЛИШТЕ -  Деветнаесет годинишниот Костадин Петров од село Ваташа ја имаше среќата прв да доплива и да го дофати светиот крст кој свештениците денеска го потопија во осветените води на брана Моклиште.

Петров годинава за прв пат одлучил да скокне по светиот крст заедно со останатите момчиња од Ваташа.

И овде дојдоа голем број верници од Ваташа и Кавадарци да го проследат чинот на осветување на водата по повод Богојавление – Водици.

Петров доби тв приемник, подарок од локалната самоуправа и златна плочка. За храброста и среќата да го фати крстот му честита градоначалникот Митко Јанчев.

На централното осветување претходеше литургија и богојавленски водосвет и во црквата посветена на Св. Богородица во село Ваташа.

А.Д

 

 

НЕГОТИНО - Од пеплишкиот мост во водите на реката Вардар денеска беше фрлен светиот крст. И неготинци масовно излегоа да го одбележат христовото крштевање.

 

Дваесетина момчиња скокнаа во ладните води на реката Вардар а најсреќен меѓу нив беше Пецко Давитковски.

Градоначалникот на општина Неготино , Тони Делков им го честита денешниот празник на сите граѓани и им посака многу здравје, а на Давитковски од локалната самоуправа му подари смарт тв приемник.

 

 

РОСОМАН - 14 годишниот Бојан Јованов од Росоман беше најсреќен помеѓу 28-те момчиња кои денеска скокнаа по светиот крст во водите на реката Црна во Росоман.

 

 

Бојан успеа  прв да стигне до крстот, но вели, иако водата беше многу студена желбата била многу поголема. Тој за прв пат учествува во овој чин на Богојавление. Очекува здравје и среќа, а истото му го посака и на сите граѓани.

На сите момчиња на храброста да скокнат во студените води на Црна им честита градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев. На најсречниот, Јованов градоначалникот му подари лцд тв приемник.

М.М

 

 

 

 

ДЕМИР КАПИЈА -  Триесет лица се обидоа да го фатат светиот крст во реката Бошавица во Демир Капија, Александар Захарчев беше најуспешен. Нему демиркапискиот градоначалник Лазар Петров му честита и му подари телевизор. Од името на Црковниот одбор при црквата “Света Богородица”, на момчето му беше даден светиот крст да го задржи неколку дена и со него да ги посети христијанските семејства и да собира доброволен прилог. Инаку, при посетата на членовите на секое семејство, им се посакува здравје и среќа да ги служи преку целата година.

 

 

 



Share

Додади коментар