(ВИДЕО) Пемова: Во недела нека ве води вашето срце, вашата чиста мисла
27-09-2018 РЕГИОН
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци, д-р Весна Пемова денеска на прес конференција нагласи дека одлуката за овој референдум е на граѓаните. Но се одлучувало за креирање на вештачка држава Северна Македонија со народ без корен.
(интегрален текст)
Македонија како никогаш до сега се наоѓа во исклучително тешка состојба. Во својата историја раѓала многу јунаци, но и поединци кои за грст златници работеле против македонските идеали. Тие идеали опеани од народот, останале запишани од големите поети: Македонска држава, македонски народ, Македонци со своја зачувана и признаена културна посебност.
Григор Прличев 1885г., запишал „Мајка Македонија многу ослабнала... мајка Македонија лежи во своето легло ужасно изнемоштена. Пред половина век големиот Блаже Коневски рече: „Големо е името ќе сакаат да ни го земат!“ Гане Тодоровски ќе напише „Толку стравувам,некоја јанѕа ме јаде да не би одново да Те раздадеме!
Почитувани, одлуката на овој Референдум за креирање на вештачка држава Северна Македонија со народ без корен, е ваша. Нека ве води вашето срце, нека ве води ваша чиста мисла. За миг споменете си на предците, но и на вашето поколение. Споменете си на оние кои не потклекнале на страдањата и со Македонија на устите со векови граделе држава. Но размислете си и што ќе оставиме на иднината. Дали нашите деца ќе ги одродиме од македонските херои, кои со еден потпис ќе бидат избришани од историјата, дали ќе дозволиме да останеме без македонскиот идентитет, македонската културата, македонскиот јазик, македонската посебност?
Имате уште малку време, прочитајте го барем еднаш капитулантскиот договор на Заев.
Овој договор не е за ЕУ и НАТО. Ние сме докажан долгогодишен партнер на НАТО во сите мисии. Патот кон ЕУ е пат кој се оди со работа, реформи и постигнувања, а не со криминал и капитулација. Затоа на 30 ти добро размислете како ќе постапите. Овој Референдум е по договор за промена на име и губење на идентитет.Овој Референдум е за договор со кој се брише македонскиот национален код и се создава некоја нова држава која нема со ништо да се поистоветува со оваа Република Македонија и со нејзината национална историска борба, нејзиниот суверенитет и интегритет.
Со поддршката на овој капитулантски договор се поддржува криминалната и антидржавна политика на Заев.
Македонија мора да победи и ќе победи !
Додади коментар