Почитувани,
Функцијата градоначалник со себе носи голема одговорност. Бара многу труд, вложување, упорност и многу работа. Градоначалникот е избор на народот. Вие, драги мои сограѓани, мене ми ја дадовте довербата да ја извршувам оваа функција. Влегов со големи амбиции и уште поголем предизвик да ја оправдам дадената доверба и да Ви докажам дека вашиот избор e правилен.
Изминаа 100 дена откако сум на оваа функција. Напорно работевме, се обидувавме за секој проблем да најдеме решение. Некои проблеми брзо се решаваат но има и такви за кои е потребно малку повеќе време и трпение.
Реков дека ќе сторам се за Кавадарци да стане убаво место за живеење, ќе сторам се за Кавадарци да биде на прво место. Можеби ќе звучи нескромно но мислам дека сме на добар пат.
За само 100 дена работа успеавме да започнеме неколку проекти, да завршиме значително добар број на комунални изградби, да оствариме значајни средби и да бидеме сведоци на добро организирани културни манифестации.
Советот на Општина Кавадарци изгласа буџет за 2018 година во вредност од 894.332.000 денари
Првиот ден откако станав градоначалник иако не беше работен, се чистеше фасадата на Општинската зграда која долго време беше обоена од Шарената револуција.
Од првиот работен ден , па се до денес редовно се чистат сите улици во Општина Кавадарци.
На мое огромно задоволство во чистењето на нашиот град се вклучија и приватни фирми од нашата општина кои своите машини ги ставија во функција на општината и со тоа донираа за почисто Кавадарци. ЈА- МИ во соработка со ЈП Комуналец го чистеше кејот на реката Луда мара како и патот Кавадарци – Дреново ископувајќи канавки и чистење на сливниците.
Улица Клинска се исчисти а со самото чистење улицата и беше проширена.
ЈП Комуналец има за обврска напорно да работи во интерес на граѓаните. Возниот парк е збогатен со две нови возила, едно товарно и едно теренско во вредност од 83000 евра. По теркот на големите европски градови, благодарение на Синалко –Германија, Кожувчанка и ИГМ, ЈП Комуналец доби донација од 3 метларки во вредност од 85000 евра, со тоа Кавадарци се вброи меѓу првите градови во Македонија кои поседуваат вакви метларки.
Во централното градско подрачје старите канделабри беа заменети со нови. Плоштадот повторно го доби часовникот кој е донација од Скопска пивара но неколку години не беше поставен на Градскиот плоштад. Жардинериите во центарот на градот почнаа да се уредуваат.
На неполн месец од извршувањето на мојата функција започна проектот “Мој Општинар“. Овој проект е прв ваков во Република Македонија. Општина Кавадарци сега во секој реон има свој општинар кој навремено ги решава проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Целата опрема за овој проект е донација од: Кожувчанка, ЈА-МИ, Екстра Бус, Велком Трејд, Метал Апостолов и Павер Трејд.
“Мој општинар“ започна акција “За чисто и убаво Кавадарци“. Неколку фирми помагнаа во реализирање на оваа акција и ги ставија во функција своите машини за доброто на Општина Кавадарци. АНЕЛМАК, АС МАШИНИ, ЈА-МИ, ВСГД и ТРАСЕР во соработка со ЈП Комуналец и “Мој општинар“ неколку денови чистеа на повеќе локации во Кавадарци.
ИГМ донираше 600 метални столбови, дел од нив веќе се поставени на неколку локации во Кавадарци. Приоритет беше тротоарот во центарот на градот кој со металните столбови повторно го ставивме во функција на пешаците.
Се реализираа значајни комунални изградби. Се асфалтираше дел од ул.Дисанска, како и ул.Крсте Мисирков . Поплочен е тротоарот на ул.Народен фронт и поставени се метални столбови. Тротоар се гради и на улиците Киро Крстев и Методи Џунов Џуко. Започната е подготовка за поставување на тротоар на ул.Рајко Жинзифов. Пополочена е улица Галишка и тампонирана е улица Праведничка како и санација надве споредни улички на улица Григор Прличев.
По барање на граѓаните пробиена е улица Лазо Асијата кај турските гробишта, пробиена е и споредна улица на булевар Моша Пијаде.
Поплочување на улички со бекатон плочки во селата Бегниште,Брушани, Ресава, Возарци, Раец, Чемерско, Крњево и Горна Бошава.
Се работеше и во с.Сопот, поплочена е една улица, тротоар како и поплочување околу огништето со трибини, каде сопотчани за време на Василица го палат Василичарскиот оган.
Кожувчанка донираше за поплочување на една улица во с.Возарци која му беше неопходна на лице кое користи инвалидска количка.
Шеталиштето на кејот на реката Луда Мара влезе во третата фаза од изградбата.
Поставен е пешачки мост над улицата Шишка во правец исток-запад веднаш над Основниот суд Кавадарци. Намената му е исклучиво за пешаци. Овој мост пред се ќе им помогне на учениците безбедно да ја поминуваат оваа улица.
Започната е и реконструкција на мостот кај Слога.
Се продолжи колекторот кај Глишиќ а се отпочна изградба на атмосферска канализација на ул. Методија Џунов Џикот спој со ул.Калница.
Противпожарната зграда во Општина Кавадарци која е изградена во 1945 година, ја доби својата прва реконструкција, со што ќе следи и нејзино доопремување со современа опрема и нови возила.
Раскрсницата на ул.“Никола Минчев“ и Булевар “Македонија„ доби семафори, со тоа сообраќајот во овој дел на градот станува побезбеден. Поставени се и средства за смирување на сообраќајот. Станува збор за поставување на конусни пластични пречки на коловозните ленти од неколку градски улици. Тие имаат за цел да го спречат брзото и непрописно возење.
Ги пиштивме во употреба тениските терени кај Северен булевар. Овие терени се од големо значење за младите од овој дел од градот.
Со 30 отсто од вредноста општина Кавадарци ќе го подржува поставувањето на термо изолациони фасади на зградите за колективно домување како дел од мерките за енергетска ефикасност.
33 прочистувачи на воздух доби Детската установа „ Рада Поцева“ за сите објекти како донација од фирмата „Екотип“ во соработка со Општина Кавадарци.
Ззапочната е имплементација на проектот за активно потполнување на времето со квалитетни содржини на децата со аутизам. Организирани им се спортски активности и часови по музичко.
Кавадарци доби програма за решавање на проблемот со кучињата скитници.
Општина Кавадарци потпиша неколку меморандуми и договори за соработка кои се од големо значење за нашата општина.
Потпишан е Меморандум за соработка помеѓу Општина Кавадарци и Универзитетот “Гоце Делчев“. Универзитет ќе донира 3 мерни станици за воздух од кои едната е веќе поставена во центарот на градот.
Потпишан Меморандум за соработка со Архитектонски факултет. Студентите на Архитектонскиот факултет со свои проекти ќе даваат нов лик на Кавадарци. Нивните предлози и идеи ќе бидат дел од идното уредување на градот.
Општина Кавадарци заедно со ЈП Комуналец Кавадарци, благодарение на досегашната успешност на ова јавно претпријатие, доби грант од 2,5 милиони евра. Средства кои се од огромно значење за Општина Кавадарци. Ќе се залагаме за понатамошен успех и ефикасно имплементирање и спроведување на проектите кои ќе се реализираат благодарение на овие средства кои ни ги доделува Владата на Република Германија преку КфВ банка.
Потпишан е Меморандум за соработка со УНДП за реализација на проект РеЛоад како и Меморандум за соработка со Институт за европски образовни, социо културни и економски политики Европа за Тебе Скопје.
Потпишан е договор за реализација на проект од програмата Европа за граѓани- проект Локална солидарност –Глобална солидарност како и Меморандум за соработка со Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби.
Општина Кавадарци потпиша декларација за отвореност, отчетност и транспарентност на локалната самоуправа.
Како резултат на транспарентното работење на Општина Кавадарци беа организирани јавни дебати и расправи.
На моја иницијатива беше организирана трибина за лозаропрозиводителите која беше масовно посетена и на која беа донесени заклучоци кои беа доставени до Влада на Република Македонија и од кои лозаропрозиводителите нема да прават отстапувања.
Беше презентирана програмата за поддршка на НВО секторот. Ќе ја интезивираме и зајакниме соработката со граѓанските организации.
Пред да бидат распределени финансиите за поддршка на спортот и спортските клубови. Имавме заедничка средба со спортските работници и клубови и тие беа директно вклучени во идните планови. Се одржа и избор за најдобар спортист во Кавадарци за 2017 година.
Основното училиште “Страшо Пинџур“ доби награда за Најдобар училишен спортски колектив во Република Македонија. По тој повод имавме средба со учениците.
Имавме средба и со гимнастичарките на КГС –“Партизан – Срни“ кои се победници на Државното првенство.
Присуствував на национална конференција за презентација на ЛАП за правичен пристап до вода и санитација во Македонија.
Остваривме значајни средби кои се од големо значење за Општина Кавадарци и кои ќе придонесат за понатамошна соработка.
Имавме средба со претставници на Мировен Корпус на САД во Република Македонија.
Остварив средба и со г-ѓа Луиза Винтон Постојан претставник на УНДП и Постојан координатор на ОН.
Во посета На Општина Кавадарци беше Амбасадорот на Унгарија Ласло Иштван Дукс, Амбасадорот беше во придружба со економскиот советник во унгарската амбасада г-дин Ервин Сел.
Остваривме значајна средба и со Амбасадорот на ЕУ Самуил Жбогар. Од амбасадорот Жбогар примив Благодарница од ЕУ во знак на признание за сите досега успешно раелизирани проекти, а воедно и знак за успешна соработка во иднина.
Во овие 100 дена откако ја извршувам градоначалничката функција Општина Кавадарци може да се пофали со низа настани кои беа организирани на едно повисоко ниво. Манифестации кои беа масовно посетени и кои се белег на Општина Кавадарци.
Одбележавме 75 години од смртта на Страшо Пинџур.
За прв пат во Кавадарци беше организирана Бадникова поворка чија крајна дестинација беше општинската зграда. На децата им поделивме пакетчиња и целиот настан го најави големиот христијански празник Божиќ.
Оваа година во сите основни училишта на учениците до 5 то одделение им поделивме околу 2600 новогодишни пакетчиња.
Годинава по повод новогодишните празници во ново руво беше украсено централното градско подрачје но за прв пат и с.Ваташа.
Прославата по повод дочекот на Нова Година на градскиот плоштад за прв пат беше масовно посетена, Кавадарци почна да наликува на големите метрополи.
Големиот празник св.Трифун, празникот на градот, оваа година беше достоинствено прославен. Со богата културна програма, многу значајни гости и огромна бројка на посетители. Секоја наредна година се надеваме на уште поголем број посетители.
Општина Кавадарци ги врати во холот фото-портретите на сите досегашни први луѓе на градот и општината. Се рабооти за 29 личности од Кавадарци кои во изминатите 74 години на слободна и независна Македонија биле на чело на Локалната самоуправа, а секој од нив со својот личен интегритет и капацитет се вградил во развојот на Кавадарци и општината.
Сите овие остварени и отпочнати проекти се само почеток за идните планови за Општина Кавадарци. Се надевам дека со овие 100 дена работа успеав да оправдам дел од вашата дадена доверба. Овие достигнувања ми даваат уште поголем мотив за иднина да работиме уште понапорно и да го исполниме ветувањето Кавадарци на прво место.
(интегрален текст од отчетот на градоначалникот Јанчев)
Додади коментар