(ВИДЕО) Одбележан празникот Свети Трифун во Тиквешијата - се закроија лозјата
15-02-2021 РЕГИОН

И покрај интензивните врнежи од снег, денеска во Тиквешијата се испочитува традицијата за одбележување на празникот Свети Трифун. Се изврши симболично закројување на виновата лоза, со што започнуваат и операциите за производство на грозје од новата реколта. 

 

Од музејот на виното во Кавадарци беше упатен благослов за богат и квалитетен род. Импровизираната винова лоза ја закроија министерот за земјоделство Арјанит Хоџа, пратеникот Панчо Минов и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. 

 

Хоџа им го честита празникот на лозарите и им  посака богат род и успешна сезона .

„Пандемијата ја наруши трговијата со флаширано и наливно вино. Нашите винарници се соочија со вишок на вино, а лозарите немаше каде да го предадат грозјето,  кое беше и со послаб квалитет. Владата ја покажа вистинската грижа и за лозарите и за винарите. Донесовме интервентни мерки и успешно ја надминавме кризата. За таа цел се усвои закон за финансиска поддршка за намалување на последиците од ковид 19“ рече Хоџа и најави дека со петиот пакет економски мерки ќе се исплатат преостанатите 10 милиони денари за лозарите.

Министерот посочи дека извозот на вино во последните години бележи постојан пораст.

„Во 2019 и 2020 виното во целокупниот извоз учествуваше со 7,4%. Повеќе години наназад виното е трет производ по вредност во извозот. Ова само го потврдува неговото значење за вкупната домашна економија. Драго ми е што имаме се повеќе млади луѓе кои сакаат да инвестираат во овој сектор“ нагласи Хоџа.

 

Честитки до лозарите по повод големиот празник упати и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој порача заштитникот на виновата лоза Свети Трифун да го штити родот од новата реколта.

 

„ Посакувам оваа година да биде успешна за лозаропроизводителите со производство на квалитетно грозје, винариите да прават квалитетно вино и целиот труд да го добие заслуженото. Општина Кавадарци дава огромна поддршка и на малите семејни винарии кои со огромна љубов вложуваат во своите производствени капацитети со надеж за  поголема промоција а во исто време и развој на туризмот во овој регион.  Поминавме една тешка година која ќе ја паметиме долго. Денес симболично закројуваме со надеж за подобро утре. Иако спречени да го прославиме овој празник во поголеми размери, сепак сме тука да си посакаме желби за поуспешна година. Ви благодарам на сите кои сте денес тука заедно да наздравиме за бериќет и подобро здравје “ рече Јанчев.

 

Ангел Данов

 



Share

Додади коментар