Над 65.000 посетители за третата вечер од манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ и испиени над 25.000 литри вино. Ова е сублиматот од годинашната приказна под отворено небо што три дена се случуваше во Кавадарци.
Денеска на прес конференција градоначалникот, Митко Јанчев инфомрира дека и покрај големиот број гости во Кавадарци не е регистриран ниту еден инцидент.
„Кога во изминатата 2018 та година дојдовме до заклучок дека тоа беше најдобриот гроздобер до сега, можеби бевме скромни и не очекувавме дека најдоброто до сега ќе го надминеме толку брзо. Три вечери, три сцени, различни жанрови на музика за сите вкусови. Вечерната програма уште подобра и поуспешна од минатата година. Спортски настани, уште една успешна изложба на олд тајмери, трка со келнери и уште многу други настани преку ден. Карневалското дефиле минатата година почна да го враќа својот сјај, годинава поголем број на карневалски групи, живописни и креативни идеи кои го збогатија дефилето низ кавадаречките улици. Сите кавадарчани и гости беа сведоци на приказната која се испишуваше под отворено небо. Огромен успех е фактот дека во вечерта која беше најпосетена, околу 65 000 поетители, не беше забележан ниту еден инцидент. Безбедноста на сите учесници и посетители на фестивалот беше на едно високо ниво, кое треба да ни биде пример за тоа како се работи во такви услови“ оцени Јанчев.
Тој нагласи дека Кавадарци се движи кон европските стандарди за организирање на манифестации. Месеци наназад се одржувале состаноци за безбедност, хигиена, паркирање, сообраќајни проекти.
Градоначалникот смета дека вложените напори на крај биле оправдани со успешно организирана манифестација. Тој упати благодарност до сите покровители од бизнис секторот кои и оваа година несебично го поддржаа овој настан. Бројките на донации се уште се сумираат, нагласи Јанчев.
А.Д
Додади коментар