(ВИДЕО) НИЕ ОДЛУЧУВАМЕ: Кавадарчани имаат право да гласат слободно
30-10-2016 РЕГИОН

Граѓаните на Кавадарци имаат право слободно да одлучат за кого ќе гласаат на следните избори без никакви притисоци и уцени – беше пораката која граѓанските активисти од акцијата „Ние одлучуваме!“ им ја кажаа на кавадарчани.

 

Во петокот попладне  караванот на граѓанската иницијатива пристигна во Кавадарци. Со самото пристигнување шарениот камионот им го привлече вниманието на луѓето кои се наоѓаа во центарот на градот и во тој период си одеа од своите работни места.

Перформансот на активистите започна со музика, пуштање на платна од видни места во градот и местење на транспаренти со проблемите со кои се соочуваат кавадарчани.

 

На транспарентите беа испишани пораки кои имаа за цел да ги поттикнат граѓаните на Кавадарци повеќе да размислуваат за проблемите со кои тие повеќе години се соочуваат како и моменталната состојба во градот.

 

Откупот на грозјето е навистина голем проблем со кој се соочуваат лозарите во Кавадарци.Тие со години чекаат исплата на грозјето и веќе долг период никој надлежен не превзема одговорност за  тоа. Со перформансот и целата граѓанска акција, активистите им испратија јасна порака на лозарите и земјоделците:  Тие самите одлучуваат за нивната понатамошна состојба.

Пред повеќе од 3 години во регионот на Кавадарци беше отворена компанијата  „Дрекслмаер“ која  го носи приматот како една од најголемите инвестиции на владата на Република Македонија.

 

Можеби е една од најголемите инвестиции, но со многу пропусти и недостатоци кои се на товар на работниците чиј број моментално изнесува околу 4.000.

Тие работат во 3 смени за минимална плата од 12.000 денари, скоро сите празници во текот на годината во оваа компанија се работни, секоја сабота  е работна, а по потреба и недела. Работницте  во оваа компанија немаат синдикат кој ќе се залага за нивните права.

 

Како и многу други градови во Македонија, така и Кавадарци се соочува со иселувањето на младите. Голем дел од нив своето образование го продолжуваат надвор од Македонија, а некои и трајно се ислуваат во потрага по економска сигурност.

Иницијативата има за цел да ги поттикне граѓаните да размислат подлабоко за овие проблеми, а и за многу други кои ги имаат во Кавадарци. Токму од нив зависи дали нешто ќе се промени и дали ќе се подобри ситуацијата во која се наоѓаат веќе долго време.

 

Граѓанската акција НИЕ ОДЛУЧУВАМЕ! Бараме промени! Можеме подобро! има за цел да ги информира, мотивира и охрабри граѓаните да учествуваат на предвремените парламентарни избори во 2016 година, да ги регистрира злоупотребите на јавните ресурси и институции за изборни цели, како и заканите и заплашувањата кон граѓаните за остварување на избирачкото право.

 



Share

Додади коментар