17 март денот на црвениот крст на Македонија и денот на крводарителството синоќа во салата на општинското собрание го славеше општинската организација на црвен крст Кавадарци. Свечено беа одбележани 73 години од формирањето на црвениот крст во Македонија, удостоени беа и крводарителите, волонтерите и помагателите на организацијата. За работата на кавадаречкиот црвен крст и континуираните успеси на организацијата накратко зборуваше претседателот на истата Димитар Каракулев.
Личните искуства со оваа организација само потврдуваат дека во Кавадарци имаме вистински хуманисти и организација која цврсто стои на хумани нозе рече во своето обраќање во име на градоначалникот, неговиот заменик доктор Никола Трендафилов.
Нераскинлива нишка на црвениот крст е институтот за трансфузиологија.Од името на кабинетот за трансфузија во Кавадарци зборуваше доктор Тања Неткова која акцентот го стави токму на крводарителите и значењето на крвта.
Во пресрет на 17 ти март кавадаречкиот црвен крст синоќа свечено ги додели и јубилејните награди со кои беа почестени Ванчо Панов, Тимислав Марков, Илија Петров, Васко Камчев, Стојна Дојчинова, Зоран Јованов, Александар Јованов, Крсте Тодоров, Мишко Гурев, Филипчо Јаневски и Зоран Кузманов за 25 пати дарувана крв. Признанието 50 пати дарување му беше доделено на Митко Сотиров.
За 75 пати крводарувње награда добија крводарителите Томислав Шубашиќ и Ванчо Давчев, а плакетата 100 дарувања ја понесе Ѓорѓи Илиев. Општинската организација на црвен крст Кавадарци со награди ги почести и крводарителите со 4 дарувања во една календарска година, а во просториите на организацијата почестени ќе бидат и оние со 5 и 10 дарувања.
Синоќа благодарници им беа доделени и на кабинетот за трансфузиологија Кавадарци, градоначалникот Митко Јанчев, волонтерите Драгица Антиќ и Катерина Трајкова, здружението на пенионери и претседателот на организацијата Димитар Каракулев. Во чест на 17 март денот на Црвениот Крст на Република Македонија и денот на крводарителството ваков настан во пенеделник ќе биде организиран и во општина Росоман.
Милица Младенова
Додади коментар