Болницата во Кавадарци нема да биде затворена - потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој присуствуваше во оваа здравствена установа на одбележувањето на светскиот ден на здравјето 7 ми април и рече дека ќе продолжи трансформацијата во регионален центар на оваа болница.
„Прочитав шпекулации дека имало идеја да се затвори кавадаречката Општа болница со проширена дејност. Искрено да ви кажам, тоа не е точно. Напротив, ќе продолжиме, како до сега, така и преку новите модели на приватно јавно партнерство, сите институции да ги унапредуваме. Влез и отворен пат за приватен капитал во нашите болници, не значи затворање. Напротив, значи унапредување на условите за лекување на сите наши пациенти, но и за платите и придонесите на здравствените работници. Согласно на искуствата од развиените европски земји“ рече министерот.
Тој говореше и за постигнатите резултати досега во трансформирањето на болницата во Кавадарци во регионален центар. Рече дека наскоро ќе се работи и на изведба на просториите каде ќе се смести единствениот центар за палијативна нега во земјава. Кажа дека досега се дадени согласности за нови 45 вработувања во оваа болница.
Директорот на болницата, д-р Диме Коцев ја оцени минатата година за најуспешна во 30 годишното работење на оваа здравствена установа. Говореше за сработеното, а нагласи и дека во наредниот период ќе се инсталираат апарати за подобра здравствена услуга на граѓаните.
Во салата на болницата, беа доделени и јубилејни признанија на работници за 20 годишен стаж и пензионирање.
Ангел Данов
Додади коментар