(ВИДЕО) Лозарите бараат до вторник владата да го реши проблемот со откупот на грозје
12-09-2021 РЕГИОН

Најдоцна до вторник наутро,  проблемот со откупот на грозје и манипулациите со шеќерните единици од визбите да се надминат. Министерството за земјоделство и владата да издејствуваат од винарските визби смедеревката да се откупува по 11 денари за килограм, а картошијата по 13 денари, согласно утврдените критериуми во ценовникот,  што пред некој ден го објави најголемата винарија „Тиквеш“. Ова се заклучоците што денеска ги донесоа лозарите на средба со градоначалникот Митко Јанчев и пратениците Зоран Јованчев и Панчо Минов.

 

Иако се чинеше дека лозарите годинава пред да ја почнат бербата ќе ја знаат откупната цена,  вчера попладне од винарската визба „Тиквеш“ поставиле нови услови за октуп на грозјето. Не се примало грозје под 21 шеќерна единица, иако во нивниот ценовник стои дека картошијата ќе се прима со 19 шеќерни единици. Тоа ги изреволтира лозарите кои добиле покани да берат грозје, а кога со полни приколки стигнале до визбата наишле на затворени врати за грозјето со помалку малигани од 21. Револтот ги принуди присутните на протестот да истураат грозје пред винарската визба „Тиквеш“.

 

„ Винарската визба „Тиквеш“ останува децидна во својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што од тоа зависи квалитетот на вината што ги произведува кој секогаш мора да биде врвен. “  - напишаа синоќа во соопштение од винарската визба „Тиквеш“,  од каде најавија дека откупот на грозје  синоќа биле принудени  да го прекинат,  поради блокада од страна на поединци кои манипулирале со квалитетот на грозјето, но денеска повторно се вршеше откуп на грозјето кое беше набрано вчера.

 

Aнгел Данов

 



Share

Додади коментар