(ВИДЕО) И во Кавадарци ќе се вратат полицајците - позорникари
07-03-2018 РЕГИОН

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше во работна посета на Кавадарци. Имаше средба со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, а потоа и со првите луѓе во кавадаречката полициска станица.

 

 

 

Спасовски и Јанчев информираа за разговорите и нагласија дека ќе се гради плодна соработка меѓу полицијата и локалната самоуправа. Во наредниот период се планира повторно враќање на позорникарската служба, така што и во Кавадарци ќе ги има повторно полицајците позорникари.

 

Како што изјави министерот, целта на посетата е да се изнајдат начини за подигање на сигурноста и безбедноста на граѓаните. Најави враќање на позорникарската служба, но и плодна соработка со локалната самоуправа.

 

„Ова е еден од клучните приоритети да бидеме заедно со локалната самоуправа, да ја враќаме довербата на полицијата кон граѓаните, да ги градиме тие врски кои мора да постојат. Посетата на полициската станица Кавадарци е значајна затоа што даваме поддршка на колегите, поголема мотивираност во работењето и договарање за начинот на функционирање во иднина кој пред се мора да биде во интерес на граѓаните“ рече Спасовски.

 

Тој добил информации дека е зголемена ефикасноста во работењето на кавадаречката полиција во делот на откривање на кривичните дела, но и дека има недостаток од човечки ресурси, за што бил договорен акциски план за надминување на недостатоците.

 

„Сето тоа укажува дека сме на добар пат да ги спроведеме овие реформи, а најважно е како да направиме реформа на размислувањето, на начинот на функционирањето и тука секој полициски службеник ќе мора да се вложи, а од друга страна мора да ни помогнат и граѓаните и локалната самоуправа да го изградиме тоа партнерство“ рече Спасовски.

 

Министерот информираше и за средбата со градоначалникот Јанчев. Разговарале за сообраќајот и јавниот ред и мир, а констатирале и можност за плодна соработка.

 

„ Разговаравме против пожарната единица од Кавадарци да се вклучи во ТЕТРА системот за да бидеме по ефикасни. Тој процес го отвораме денеска. ПС Кавадарци добива задача за правење подготовки за враќање на позорната служба, затоа што сметаме дека полицаецот - позорникар е пријател на сите граѓани и само преку него можеме да ја зголемите безбедноста и ефикасноста и во тој дел навистина добивме поддршка“ нагласи министерот.

 

Задоволство од денешната средба искажа и градоначалникот Јанчев кој посочи дека општината заедно со општествено одговорни компании од Кавадарци ќе набави интервентно возило за потребите на кавадаречката полиција.

 

„ Во најбрз можен рок ќе направиме категоризација на улицата Илинденска со тоа ќе добиеме можност за решавање на паркирањето и потоа ќе отвориме јавно претпријатие за паркирање. Општина Кавадарци понуди добра соработка, министерот ја прифати. Општината ќе обезбеди едно комбе за единицата за интервенции бидејќи оваа единица го нема тоа возило. Општина Кавадарци има недостаток од 45% оперативен кадар. Добивме ветување дека тоа ќе биде исправено и дека за два месеци, ќе има позорна служба“ информираше Јанчев.

 

 

А.Д

 



Share

Додади коментар