(ВИДЕО) Започна Тиквешки гроздобер 2017
08-09-2017 РЕГИОН

 

Со ретроспективната изложба во која се содржани над 200 фотографии од тиквешките гроздобери во периодот од 1964 до 2016 година започна стопанско туристичката и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“. Кавадарчани и тиквешани од денеска го слават грозјето и виното. Подготвена е богата културно уметничка програма, а гостопримството на кавадарчани повторно е на прво место.

 

Автор на ретроспективната изложба е директорот на музеј галеријата Кавадарци, Петре Камчевски. Од богатата фото архива тој ги избрал најдобрите фотографии кои говорат за традицијата на оваа манифестација. Тој нагласува дека Тиквешкиот гроздобер претставува една долга и богата традиција која на овие простори се одржувала уште во времето на античка Македонија, кога во чест на богот Дионис (Бахус) биле организирани т.н „Дионисови денови“ на кои присуствувало целото население.

 

 

 

„Производството на грозје и вино во овој крај има исто така длабоки корени. Античките Македонци и старите Римјани виновата лоза ја одгледувале со голема љубов и умешност за што сведочат бројните археолошки артефакти, стели, рељефи, барељефи, мозици, пронајдени во овој крај. Виното било пијалак на сите сталежи и на богатите и на сиромасите. Служело како платежно средство, а со него можел да се плати данокот на државата. Лозарството продолжило да се развива и во средниот век, а главни центри биле црковните и манастирските имоти, каде се приготвувало најубавото вино“ рече Камечевски.

 

Тој нагласи дека со доаѓањето на турците османлии и нивните освојувањаво овој дел од Македонија во извесна мера лозарството стагнирало, бидејќи со Куранот била забранета употребата на алкохолни пијалаци. Денес Кавадарци со право може да се пофали дека е еден од најголемите производители на грозје и вино на Балканот.

 

„Идејата за организирање на Тиквешки гроздобер ја дал менаџерот на групата „Мањифико“, Борис Низамовски, во февруари 1964 година кога неговата група настапувала во Кавадарци, инспириран од една слична гроздоберска манифестација во градот Дижон – Франција. Токму тоа било и основната причина поради која општинското раководство на Кавадарци, тогаш предводено од Љупчо Шкартов и Ќиро Роглев, во 1964 година го организира првиот Тиквешки гроздобер. Манифестацијата имала културен, туристички и стопански карактер. Првиот грозд на првиот гроздобер го откинува директорот на тогашен АК „Тиквеш“, Диме Галапчев“ нагласи Камчевски.

 

 

По скромниот обид во 1996 година да се обнови Тиквешкиот гроздобер во 2000 година градоначалникот и советот на општината донесуваат одлука манифестацијата да биде традиционална и се организира секоја година како препознатливо обележје на Кавадарци и Тиквешијата како најзначаен лозаро-винарски регион во Македонија.

 

„Денес овој голем празник на републиката отпочнува и чествувањето на грозјето и виното кои се белег на нашето минато и нашата иднина. Кавадарчани се познати по гостопримството и своето големо срце. Овие три дена да ги отвориме нашите срца и да ги примиме нашите гости. Да се докажеме уште еднаш како добри домаќини. Се надевам дека односот меѓу лозарите и винарите годинава ќе бидат на едно повисоко ниво“ истакна градоначалникот Александар Панов на отворањето на ретроспективната изложба.

 

Вечерва се концертите на музичките групи „Нокаут“ и „Епидеми“, а на полноќ ќе се избираат винските кралица и крал. Централното случување е утре од 18 часот со тиквешкиот карневал по што ќе следи спектакуларен огномет и настап на Северина.

 

Aнгел Данов

 



Share

Додади коментар