Темата гроздобер во Македонија секоја година е со исти актери, исти проблеми се анализираат и за исти проблеми се раговара и преговара. Иако навидум се чини дека некои работи се менуваат, сепак во суштина тоа не е така. Во тек е бербата на винското грозје кое е и најзастапено на лозовите површини во тиквешијата. За момент гроздоберот поради дождот е прекинат, но не се прекинати стравувањата на лозарите, кога ќе го оберат грозјето на кого да го продадат, за колку пари и кога ќе им се плати.
Сеуште има лозари кои ги немаат добиено парите за ланското грозје од неколку винарии иако законот предвидуваше грозјето да се исплати до крајот на април. Во февруари, кога се закрои виновата лоза и симболично започнаа лозарските работи, власта им соопшти на лозарите дека ќе се менува законот за вино и наместо за шест, визбите ќе треба да го платат грозјето за три месеци. Во очи на гроздоберот нови најави. Грозјето наместо за три, повторно винариите ќе може да плаќаат за шест месеци.
Ваквите измени власта убедува дека се во интерес на лозарите и лозарството. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков беше во Кавадарци за време на манифестацијата Тиквешки гроздобер и во таа прилика за медиумите рече дека изменитена законот за вино се во прилог на лозарите.
„Со нив ќе се олесни наплатата на побарувањата кои ги имаат лозарите за предадено грозје и ќе се надминат одредени проблеми што се јавуваа кога грозјето се продаваше на откупувачи кои вршеа откуп во име на одредени винарници“ рече Цветков.
Цветков потсети дека уште во мај, Министерството заедно со лозарите и винарниците ги направиле подготовките за бербата на грозје и дека е договорено грозјето да се исплаќа на три рати од кои првата на 15 декември, кога треба да се исплатат 20 проценти од продадениот род. Доколку не се почитува рокот, винарницата ќе ја изгуби лиценцата и сите приливи што ќе ги добива од продадено вино, ќе одат за исплата на ратата за лозарите. До 15 февруари мора да се исплатат 40 отсто од откупеното грозје, со истото правило, а остатокот до крајот на април.
Опозицијата со спротивно тврдење од власта. За измените на законот за вино расправаше и собранието. Пратеникот од Кавадарци, Бетиане Китев реше дека лозарите не го заслужуваат грабежот кој им се случува неколку години.
Процесот на прегповори кои се одвиваше меѓу МЗШВ, лозари, винари, е толку не транспарентен, без било какви детални информации што вистински сакаат лозарите, што бараат винарите, а што вие им овозможувате, би рекол дека процесот во Пржино беше потранспарентен од ова што вие го правите со лозарите. Од една страна сакате да направите регулација на одредена материја која е рак ран за тиквешијата, а од друга страна влегувате во еден процес на импровизација. Вие со законот кој го нудите сакате да направите законска кражба, со изговор, дека тоа го барале лозарите. Со измените на законот за вино, кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ се предвидува, доколку лозарот побара исплата на предаденото грозје во рок од 7 дена цената откупувачот да ја намали до 8%. Потоа наводно на барање на лозарите преку (Агротиквешија) првите пари да ги добијат во износ од 20% до 15 декември, следните 40% во февруари и останатите 40% во април (повторно 6 месечна исплата на рати). Согласно законот за земјоделство земјоделските производи на сите други гранки се исплаќаат во износ од 20% во првите 20 дена а тука првите пари лозарот би ги добил првите 60 дена( од завршување на откупот до 15 декември)“ рече од собраниската говорница кога се расправаше за измените на законот за вино пратеникот од Кавадарци од редовите на опозицијата, Бетиане Китев. Тој смета дека со вакото законско решение договорените цени од 11 денари со 13 денари (вранец и смедеревка) ќе останат само како договор на хартија.
Aнгел Данов

Додади коментар