Бојкотот носи трња и троскот, ништо друго. Ова го изјави премиерот Зоран Заев синоќа на трибина во Неготино.
Како мал пазар тешко се опстојува. Можеме само здружени заедно. Со понапредните, со големите пазари, каде што владее правото и европски вредности, каде што е вредно да се има квалитетен живот за живеење. Таму беа нашите аспирации. И можевме и порано да донесеме одлуки ако не се правеле вакви калкулации, но знаев јас дека можам да владеам. И дека можам уште 4 години да добијам. Ама сфатив, после 27 години каде да ја водам Македонија, во ноќта, во бездната, во бунарот, да продолжиме да се лажеме, да изгубиме уште 27 години? Зошто? Немаме два животи, еден е пусти за живеење. Ајде да го живееме, да го направиме чекорот. 17 проценти од граѓаните беа во анкетите за поддршка на решение со географско одредница кога ја донесов одлуката. Ама верував дека на народот му треба лидерство. Дека нашиот народ секогаш во историјата знаел да носи мудри одлуки. И знам и верувам до небото, дека и овој пат ќе ја донесе вистинската одлука. Зошто? Оти си ја сака татковината. Оти чувствува одговорност за своите деца. И затоа донесовме праведна и фер одлука. И сите знаат дека направивме компромис. Ама компромисот не мрда од мртва точка, компромисот претставува спогодба помеѓу две или повеќе страни, од кои што двете страни се подготвени да направат заемни отстапки за да се договорат, рече премиерот.
Сите сме исправени, додаде, пред историска одлука. Свесни за придобивките од одлуката која треба да ја донесеме. Одлуката е сериозна и одговорна, се однесува на татковината и нашата иднина. Доста е изолираност и редно е да се интегрираме со другите и да бидеме граѓани на Европската Унија. Одлуката ја носиме ние.
Потсети на изминатиот период на изолираност, се осврна и на договорот со Грција. Рече дека компромисот го движи светот, да се изнајдат решенија за се, ако се има желба. Проговори за различните видови придобивки од соработката со соседите, кои од непријатели ни станаа пријатели. Има фајде од пријателството. Оваа генерација мора да ја зграпчи оваа шанса. Има историска шанса да одлучува и затоа одлуката е многу важна. Потсети за жртвувањето и вековната борба на македонскиот народ, за да биде признаен од целиот свет. Сега има рече таква шанса, да се постигне тоа со пријателство и со признаен идентитет. Повика на соработка, со цел да се оди напред.
Да се испише со златни букви и оваа страница од нашата историја. Бидејќи подобар договорот со Грција од овој, не може да се постигне.
Премиерот потсети на војните и конфликтните ситуации во минатото, нагласувајќи дека со НАТО, загарантирана е безбедноста. Тоа пак е предуслов за нови инвестиции, фаќање чекор со развиените земји.
-Се што сме сакале е потврдено во овој договор. И плус тоа ги отворивме портите на НАТО и на Европската Унија. Покажавме демократска зрелост. Покажавме европски манири. Покажавме европски односи. И тоа го препозна светот, секаде имаме големи пријатели. Затоа почитувани пријатели да немате дилеми, не знам кој што сака нека збори, не знам кој зошто ќе бојкотира, против себе ќе се бојкотира? Што ќе постигне, изјави Заев меѓу другото.
Рече дека НАТО и ЕУ значат поголеми плати, повеќе работни места, подобро здравство, подобро образование.
-Значат подобро и правично судство. НАТО и ЕУ значат вредности за кои што сакаме овде да ги имаме и да ги живееме. Затоа со сите земји кои што станале членки на НАТО и на ЕУ овие податоци се паралелата што ја влечиме овде со Македонија. Еве ја Бугарија од таа страна. Пред да стане членка на НАТО и на ЕУ, и сега кога стана членка на НАТО и на ЕУ. Пред да стане, имаше невработеност од 17,2 посто, кога стана членка на НАТО и на ЕУ еве ја сега има 5,3 проценти невработеност. Странските инвестиции се зголемиле за 4 до 5пати.Во Романија платите се зголемиле за четири стотини посто, четири пати повеќе, нагласи меѓу другото на трибината на градскиот плоштад во Неготино.
Повика без страв да се излезе на гласање, без дилеми, бидејќи друга, резервна алтернатива нема. Да се зграпчи иднината. Повика на заедништво по ова прашање, најважно за Македонија.
На прашање на неготинец, премиерот проговори за европските вредности и предностите за земјоделството. На трибината беа присутни и градоначалникот Тони Делков и други политички личности. На трибината говореа и актерот Диме Илиев и Кристина Арнаудова кои говореа дека ќе гласаат “за” на референдумот и за тоа кои се предностите од евроатлантските интеграции.
Светлана Дарудова
Додади коментар