Советот на општина Кавадарци распишува референдум за подрачјето на општината на кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за населување и интеграција на мигранти на територијата на општина Кавадарци. Како што е наведено во одлуката што осумте советници од мнозинството во советот ја усвоија на вчерашната седница, изјаснувањето ќе биде на гласачко ливче со заокружување „ЗА“ или „ПРОТИВ’.
Одлуката на референдумот ќе се смета за донесена доколку за неа гласале мнозинството од вкупниот број што гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број запишани граѓани со право на глас во избирачкиот список. За оваа точка на вчерашната седница се водеше жестока дебата.
Советниците од опозицијата препознаа политички маркетинг од ВМРО-ДПМНЕ, како што рекоа да ги лажат граѓаните со непостечки теми и проблеми.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ со став дека граѓаните морале да кажат дали сакаат да им ги земаат нивните работни места мигранти кои би можело да се населат во Кавадарци. Ист став во своите дискусии изнесе и градоначалникот Александар Панов.
Ниту ќе се градат станови за бегалци и мигранти, ниту има предвидено буџет за тоа. Македонија не е атрактивна земја за бегалците. Опозицијата само шири страв кај граѓаните, вели министерката за труд и социјала Мила Царовска во интервју за Радио Слободна Европа.
– Опозицијата се обиде да направи ширење на страв по однос на оваа стратегија. Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година е продолжение на стратегијата 2009-2015 година, со истиот наслов, која што ја донела ВМРО-ДПМНЕ. жМногу е важно да знаеме дека токму ВМРО-ДПМНЕ, коишто ја донеле оваа стратегија, зборува против оваа стратегија, а во оваа стратегија се вклучени најголем број од работите кои биле вклучени во претходната стратегија. Затоа нема никакви потреба од страв. Македонија си е декларирана и продолжува да биде транзит земја, и тоа се гледа по статистики и бројки. Во 2015-2016 година, пред да се затвори рутата, тоа е некаде 9 март 2016 година, во Македонија имало 1.600 мигранти, во моментов во Македонија нема повеќе од 60 во двата транзитни центри и во центарот за азил. Овие бројки многу кажуваат дека Македонија ниту е атрактивна земја, ниту некој има потреба да остане во државата – истакна Царовска.
Ангел Данов
Додади коментар