(ВИДЕО) 15-та редовна седница на советот на општина Неготино
31-07-2018 РЕГИОН

 

Едногласно и без дискусија советот на општина Неготино вчера ги усвои програмата за располагање со градежно земјиште, измените на програмата за комунални дејности и уредување на градежното земјиште како и измените и дополнувањата на програмата за поставување урбана опрема.

 

Советниците едногласно одлучија да доделат деловна просторија на ловечкото друштво „Вардар“ и да преотстапат на користење моторцикл Веспа на ЈП Комуналец.

 

ВО рамки на 15 седница едногалсно советот за приоритетни ги одреди проектите за реконструкција на улица во селото Тремник и патниот правец Горни Дисан – Вешје. Беше одлучено општината да се вклучи со финансиски и нефинансиски придонес во проектот „Вински, апи и еко туризам во Неготино и околината“.

 

Раководителот на секторот за локален економски развој, Лолита Ристова образложи дека со овој проект општината ќе аплицира за пари од Европската Унија, а проектот има неколку компоненти. Доколку биде прифатен овој проект, Ристова нагласи дека ќе се работи на реконструкција на двата влеза во Неготино, набавка на саемска опрема која ќе се користи за манифестацијата Свети Трифун и неготински панаѓур. Со овој проект предвидени се и други активности.

 

Едногласно советот донесе одлуки и за доделување на финансиски средства на ГФК „Вардар“, на пчеларското здружение „Неготински мед“ и за организирање на турнир во мал фудбал.

 

Кварталниот извештај за извршувањето на буџетот во вториот квартал беше усвоен со 8 гласа за и 7 против.

 

Советникот Игор Јованов од ВМРО-ДПМНЕ му забележа на градоначалникот Тони Делков дека не ги реализирал ветените проекти во изборната програма и дека буџетот бил со слаба реализација од 15,5%. Обвини дека единствено биле зголемени вработувањата.

 

„Сметав дека ќе бидете доблесни и ќе ги отворите очите да ги погледнете резултатите од финансиското работење. Сега редовно добивата квартален извештај што во изминатиот период се случуваше еднаш во четири години. Оставивте долг од 117 милиони денари. За 9 месеци долгот е намален и изнесува 65 милиони денари. Треба да кажете кој го направи овој долг. После вашето цунами и сите злодела што и ги направивте на општина Неготино срамно е да зборувате за долгови“ рече меѓу другото градоначалникот Делков, реплицирајќи му на советникот Јованов и нагласи дека сите ветени проекти ќе биде реализирани во наредниот период.

 

„Долгот што сте го вратиле е за поздравување, но не заборавајте дека имате проекти кои се ветени а сеуште се нереализирани“ забележа советникот Петре Манчев од ВМРО-ДПМНЕ.


Ангел Данов

 

снимка од 15-та седница

 

 

 



Share

Додади коментар