Обемен дневен ред од близу шеесет точки имаа за работа советниците во кавадаречкиот совет во рамки на десетата седница што се одржа денеска. Советот едногласно го усвои извештајот за приходите и расходите во општинската каса во првиот квартал од 2018 година и ребалансот на буџетот.
Образложение по овие финансиски документи даде раководителот на секторот за финансии, Цанка Јовановска.
„Остварувањето на вкупните приходи по сите основи за периодот од 1 јануари до 31 март годинава е во износ од 152.451.746 денари во однос на планираните 894.332.000 денари или 17,05%. Ова извршување спореденено со минатата година во првиот квартал е повисоко“ рече Јовановска по однос на кварталниот извештај. Во однос на ребалансот нагласи дека е произлезен од потребата за усогласување на комуналната програма и другите програми во основниот буџет, потребата од пренамена на одредени позиции во наменските дотации како и од потребата од усогласување на одделени ставки во буџетот на донации.
„Ребалансот како во приходниот дел на буџетот, така и во расходниот дел претрпи зголемување во износ од 24.753.000 денари“ рече шефот на финансии во општина Кавадарци.
Образложение на ребалансот даде и градоначалникот Митко Јанчев. Притоа се осврна на отворање нови капацитети во рамки на детската градинка.
На денешната седница едногласно беа донесени измените и дополнувањата на програмите за уредување на градежно земјиште, за комунални дејности и за изработка на урбаистички планови.
Советот беше еднопгласен при носењето и на одлуката за формирање на јавно претпријатие за управување, уредување и одржување на јавни паркиралишта Кавадарци. Според она што го кажа градоначалникот, ова претпријатие би требало да започне да работи од септември, а ќе овозможи решавање на хаосот со паркирање.
Се усвоија измените и дополнувањата на одлуката за општински линиски превоз на патници и на одлуката за авто такси превоз на патници. Советот донесе одлуки за работно време на пазарот. Сега наместо три пазарни денови, ќе се воведат уште три, па така од вторник во недела граѓаните ќе можат да пазаруваат на зелениот пазар.
Кавадаречкиот совет денеска одлучи и да се постави видео надзор на сообраќајниците во Кавадарци. Камери ќе снимаат на 18 локации. Се даде гаранција за кредит на ЈП комуналец, а се разгледуваше и извештајот за работењето на Комуналец. Советниците го разгледуваа и извештајот за реализираната манифестација за одбележување на Свети Трифун.
Се даде зелено светло за иницијативата за отпочнување јавно приватно партнерство во ЈП Јасмин, се разрешија и именуваа нови претставници во управниот и надзорниот одбор на детската градинка „Рада Поцева“. Едногласно поминаа годишните планови за вработување годинава и следната година во библиотеката „Феткин“ и во музеј галерија Кавадарци. Со одлука на совет ќе с е менува трасата на приклучната точка на проектот за изградба на нов мост на реката Луда Мара во Ваташа.
Ангел Данов
Додади коментар