Основниот суд Велес денеска му одреди триесет дневен притвор на Тони Станоев (40) од Кавадарци, осомничен за убиството на родителите на неговата поранешна сопруга и нејзината сестра. Станоев денеска претпладне по распитот во кавадаречката полиција беше донесен во Велес.
Доби бранител по службена должност, а потоа беше предаден на јавен обвинител и изведен пред судија во претходна постапка. Дознаваме дека убиецот побарал да не му биде одреден притвор бидејќи не претставувал опасност за околината. Ваквото негово барање не било прифатено.
По околу двочасовен распит Станоев од велешкиот суд беше однесен во истражниот затвор Шутка во Скопје.
Портпаролот на СВР Велес, Анита Стојковска информира дека осмничениот вчера околу 11,30 час е лишен е од слобода.
„По претходно добиени оперативни сознанија извршен е претрес на терен на северната страна на градските гробишта во Кавадарци, што при истиот е забележан од страна на полициските службеници на оддалеченост од околу 20 м. Издадена му е наредба да застане, но истиот извадил огнено оружје- пиштол и за цело време го држел во десната рака со цевката надолу кон земјата. Повторно му е издадена наредба „стој полиција“ која наредба ја одбил и се дал во бегство, по што од страна на полициски службеници испукани се неколку предупредувачки истрели во воздух. Осомничениот продолжил да бега низ околните улици , за да на крај повторно влегува во градските гробишта каде е обиколен од повеќе полициски службеници. По кратко убедување истиот го спуштил пиштолот и од страна на полициските службеници е лишен од слобода“ информира Стојковска.
Веднаш по апсењето Станоев се до денеска претпладне е задржан во кавадаречката полиција. Од извшрениот распит било констатирано дека во неделата околу 16 часот осомничениот се упатил во куќата на родителите на неговата сопруга со која се во бракоразводна постапка и по кратка расправија со сега починатата Билјана Л. и Снежана Л. , со огнено оружје- пиштол кој го носел со себе испукал по еден куршум во пределот на градите. Потоа, се качил на спратот од куќата каде бил Илија Л. во кој испукал еден куршум во пределот на градите, по што го напуштил лице местото. Од здобиените повреди на лице место починале сопружниците Билјана Л. и Илија Л. , додека нивната ќерка Снежана Л. им подлегнала на повредите во Општа болница Кавадарци.
Од полицијата соопштија дека Станоев имал поднесено кривични пријави за насилство, нанесување на телесна повреда и одземање на малолетник.
Ангел Данов
Додади коментар