За хаос во кавадаречката болница, лоши и нехумани услови за пациентите обвинија Социјалдемократите од Кавадарци. Беше речено дека пациентите сами си купувале лекови, бидејќи немало доволно лекови, немало доволно греење па пациентите смрзнувале, а и хигиената била на ниско ниво.
„Хаосот што Никола Тодоров и Никола Груевски го направија во здравството се случува и во градската болница во Кавадарци. Како во некој лош филм видовме како на детенце, кое што прима инфузија Како во некој лош филм видовме како на детенце, коешто прима инфузија, рачето му е мобилизирано со картон од отпаден материјал. Еден ЕКГ-апарат се влече по одделенијата со ризик многу брзо да се расипе и да се остане и без него. Нема чаршави, навлаки, перници, кебиња...Хигиената е на лошо, крајно незавидно ниво. Поголемиот дел од ВЦ јазлите се руинирани и претставуваат место за ширење на дополнителни зарази. Храната е недоволна, често пати нема ниту парче леб, а не пак посебна храна припремена по Хасап стандарди“ рече портпаролот на СДСМ Кавадарци , Сашко Петров.
Понатаму беа изнесени обвинувања дека во болницата немало дежурни лекари на секој оддел, бидејќи немало пари да се платат дежурствата на лекарите. Поради тоа дежурале некомпетентни и нестручни лекари. По пат на полтронство се ставал стоматолог да дежура на нервно одделение.
„ Болницата во Кавадарци со години има недостаток на лекари. Ренгенолози и анестезиолози доаѓаат од други градови. На повеќе одделенија нема дежурства, па пациентите се приморани да патуваат до Скопје. Оваа Болница опслужува повеќе од 70.000 пациенти и нејзината материјална но и кадровска опременост мора да биде на највисоко ниво. Бараме веднаш да се обезбедат основни услови за престој и лекување на пациентите во Градската болница во Кавадарци“ рече Петров и побара оставка од управата на болницата бидејќи немала интегритет и авторитет да воспостави организација за подобри услови за лекување на пациентите.
„Да не заборавиме, кога се бараше оставка од министерот за здраство Никола Тодоров, пратеничката Весна Пемова, која што по професија е здраствен работник, беше еден од оние пратеници кои гласно го бранеа и величеа работењето на министерот. Истата таа Весна Пемова, сега да излезе и јавно да побара оставка од министерот Никола Тодоров. Секако , ако има барем малку доблес, барем малку етичка и морална одговорност, и грижа кон своите сограѓани. Граѓаните на Кавадарци тоа многу добро го знаат. Затоа тие имаат една заедничка идеја: Збогум Никола!“ рече Петров.
Ангел Данов
Додади коментар