Во четвртокот на 19 септември, беше затворена ретроспективната изложба на познатиот кавадаречки и македонски ликовен уметник Ристо Соколов Сокол. Во ликовниот салони на “Музеј – Галерија“ Кавадарци петнаесетина дена бројните љубители на неговата уметност можеа да видат 60 негови ликовни креации, ретроспективен избор на дела работени последните пет години и тоа дела од циклусите “Траги“ и “Некогаш и денес“, но и дела настанати последните две години, кои за првпат беа претставени пред ликовната јавност.
Станува збор за дела работини од природни материјали, во повеќе техники, но и дела работени со класични ликовни материјали, масло, акрил и сл.Оваа последна изложба на Ристо Соколов Сокол во Кавадарци ќе остане запаметена и по одличната посетеност и медиумска заинтересираност, што доволно зборува за константниот нагорен пат по кој се движи уметноста на единствениот кавадаречки самостоен ликовен уметник, кој со секое негово ново ликовно појавување пред јавноста ја потврдува оригиналноста на неговата уметност, но и врвната креативност во неговиот ликовен запис.Но овде не застанува неговото ликовно претставување пред љубителите на ликовната уметност во Македонија. Веќе во среда, на 25 септември 2013, во Ликовниот салон во Велес, ќе биде отворена изложба со дела од неговиот последен ликовен циклус “Некогаш и денес“, циклус во кој е направен неверојатен спој на неговата оригиналност и природните материјали користени во креирањето на делата.
За изложбата во Велес, самиот Ристо Соколов Сокол вели дека претставува исклучителен предизвик, особено што од неа започнува претставувањето на неговата уметност во повеќе престижни галерии низ Македонија и низ неколку европски држави.. Изложбата во велешкиот Ликовен салон е под покровителство на Министерството за култура на РМ и на неа ќе биде претставен посебен Каталог, изработен токму за оваа изложба.
Додади коментар