Пет лица се водат за исчезнати во Кавадарци и Велес во изминативе години

Таксав три јагниња за три различни цркви во кавадаречко, Свети Димитрија, Света Петка  и брушанската црква само да ми се врати синот здрав и жив. Вака денес со плачење кажа мајката на 46 годишниот исчезнат скопјанец во Кавадарци, Ацо Николов, Љубица. Тој е последниот маж исчезнат во Кавадарци од тројцата исчезнати во последните три години. Исчезна пред неколку дена од неговиот стан под кирија во Кавадарци во кои останале да светат греалката и сијалицата. Тука му се автомобилот и лап топот.

 Пет лица се водат како исчезнати во Кавадарци и Велес  во последниве неколку години и се трага по нив, дознава Дневник. Три лица од исчезнатите се од Кавадарци и имаат исчезнато во 2012, 2013 и 2014 годин, а две се од Велес. Информацијата ја потврди Анита Стојковска, портпарол на Секторот за внатрешни работи Велес.

 Лани некаде во август исчезна и 72 годишниот Ѓорѓи Јанков од Кавадарци. Тој рано изутрина излегол од дома додека целото семејство спиело. Негови блиски потврдија за Дневник дека и тој сеуште не е пронајден.

 Ни трага ни глас нема ниту од 69 годишниот Павле Колев од Кавадарци кој исчезна на 16 јануари 2012 година. Негов близок роднина се прашува дали тој можеби е жртва на трговија со органи бидејќи човекот како во земја да пропаднал.

 Стојковска кажува дека во Велес пак за исчезнати се водат еден 26 годишен маж и една жена на околу 50 годишна возраст.

Таа нагласува дека по сите овие лица полицијата  трага.

С.Д.



Share

Додади коментар