Слобода, еднаквост и правда за сите граѓани, бидејќи тие најмногу недостасувале им вети на кавадарчани синоќа претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски на митингот кој се одржа на градскиот плоштад. Според него решението на сите проблеми со кои се сретнувале граѓаните е заминувањето на оваа власт. Вети дека ќе бил активен претседател за сите граѓани без да ги дели по било која основа.
„Од другата страна не гледам претседателска кампања. Од другата страна има човек кој му ја води кампањата на досегашниот претседател и од време на време му дозволува да каже некој збор на тема претседателски избори. Досегашниот премиер ја води претседателската кампања на претседателскиот кандидат. Првата и основна точка за која ќе се залагам во мојата претседателска кампања е активен претседател, значи човек кој од првиот до последниот ден на својот мандат ќе биде активен а не нем посматрач на состојбите, значи човек кој ќе работи за доброто на македонските граѓани а нема да го преспие мандатот “ рече Пендаровски .
Тој владата ја посочи како генератор на кризата која владееле во земјава како на политички така и на економски план. Нагласи дека Македонија го нема само проблемот со името со своите соседи, дека проблеми имала и со останатите, поради лошата политика на власта. Им порача на кавадарчани на 13 април масовно да излегле на гласање и да го подржат во намерите да направи држава за сите граѓани, да застанат на патот на иселувањето на младите од земјава, бидејќи тие ги чувствувале поделбите кои ги правела власта и својата иднина ја барале по светот.
„Масовно да излеземе на гласање на 13-ти април и уште во првиот изборен круг да ја испратиме пораката за промени во државата. Вториот изборен круг да биде само потврда за тие промени“ им порача Пендаровски на кавадарчани.
„Луѓето сакаат поинаков ков на политичар. Стево е поинаков затоа што има поинаков пристап кон проблемите на граѓаните. Кон луѓето се однесува непосредно, искрено и отворено. Нема што да крие. Нема маска па да се плаши да не некој му ја симне. Неговата цел е да ги решава проблемите. Затоа што знае дека Македонија нема време уште пет години да помине во фантазирање“ рече меѓу другото пред своите сограѓани Бетиан Китев, кандидат за пратеник од СДСМ на претстојните парламентарни избори.
A.Д
Додади коментар