Захит Бујукишлеен, Алајбеј Кароглу, Ајдин Ара, Зухал Арда од Турција и Фехим Хусковиќ, Трајче Блажевски, Никола Смилков и Валентина Стефановска од Македонија се уметниците чии слики беа претставени на третата Меѓународна балканска изложба насловена „ Мост “ која синоќа се одржа во Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ во Неготино. Пред присутните граѓани говореше директорката на неготинскиот центар за култура Мирјана Јованова која истакна:
„ Луѓето од памтивек патувале се раселувале и ги освојувале земјините пространства, но наидувале на непреодни реки каде што не можеле сите да поминат. Затоа измислувале разни начини да преминат преку природните граници, а еден од начините е токму Мостот. Во денешно време мостовите се изградени но постојат многу други начини за поврзување и одржување на блиски врски помеѓу народите, а културата е таа што ги поврзува луѓето од цел свет. Еден од тие народи кои ни се блиски и пријателски е токму народот на Република Турција. Затоа вечерва ја организиравме оваа Меѓународна изложба на уметнички слики, која претставува мост помеѓу Македонскиот и Турскиот народ со кој развиваме соработка на културно поле. Досега имаме направено неколку меѓународни изложби и затоа овој мост мора да го одржиме и понатаму да биде една врска со која ќе се зближуваме и ќе разменуваме мислења и идеи, а преку кои културно ќе се надградуваме “.
Директорката Јованова додаде дека изложбата на автори од овие две пријателски држави со симболичен наслов „ Мост “ по трет пат се се организира во изложбените галерии на Културно-информативниот центар во режија на Бошњачката културна заедница и под дирегентската палка на проф. др. Фехим Хусковиќ од Факултетот за ликовни уметности Скопје, а истата граѓаните од општина Неготино и во наредните денови ќе имаат можност да ја погледнат. Изложбата за отворена ја прогласи проф. д-р Фехим Хусковиќ кој воедно е еден од учесниците и организатор на оваа Меѓународна балканска изложба и вели дека желбата на уметниците е да се претстават во други средини, пред друга публика. Својата уметност да ја изнесат од земјата и да ја претстават во галериите и музеите на една пријателска земја.
Маја Алексовска
Додади коментар