Утре , вторник, 27 јуни со почеток од 18 часот, во Галерија при Дом на култура “Иван Мазов - Климе“ Кавадарци ќе биде отворена изложба на фотографии, насловена како “Убавината ја живееме“од Љупчо Илиевски. Љупчо Илиевски спаѓа во редот на најистакнатите македонски фотографи.Припадник е на средната генерација фотографи,кој негува специфичен, уметнички стил и силен авторски печат.
Засега,е единствениот фотограф од Македонија чии фотографии за мегалитската опсерваторија Кокино се објавени во српското издание на престижното специјализирано списание за фотографија „National Geographic“. Роден е на 30 јули 1955 во Прилеп. Со фотографија се занимава од 1980, за во еден период да работи како соработник во ТAНЈУГ (Телеграфска Агенција Нова Југославија). ТАНЈУГ, беше најголемата и највлијателна државна агенција на бившите ју-простори.
Од 1987 е вработен во МТВ, каде што во моментов работи како камерман-снимател. За себе вели дека не фотографира, туку дека пишува со светлината и тоа не на актуелни теми, туку во фокусот му се наизглед неважни теми, кои ги обработува долг временски период и со голема посветеност. Негува посебен интерес за театарската фотографија, која во себе носи креативна драматичност и игра на сенки Илиевски е автор на 10 самостојни изложби, а како член на “Фото-клуб 25“ учествувал и на повеќе групни изложби. Присутен е на повеќе филмски фестивали, а за својата работа повеќепати е наградуван.
Неговиот потпис стои и под поштенските марки со тема - Теракотни икони и Кокино. За неговите уметнички креации, кои тешко може да се избројат, критичарите ќе запишат дека „Илиевски во своите фотографии ги фиксира деталите што се најинтересни, најрелевантни, што одразуваат една цела философија и психологија на човекот, што одразуваат една цела негова внатрешна драма“.
Додади коментар