Започнаа археолошките истражувања на локалитетот Градиште кај Неготино
30-06-2015 КУЛТУРА

Подраководство на м-р Горан Санев од Археолошкиот Музеј на Македонија и професор Николас Секунда од Универзитетот во Гдањск, Полска, заедно во соработка со Музејот на град Неготино во кој е вклучен археолог Костадинка Филипова, веќе седма година по ред се реализира меѓународен истражувачки проект. На просторот од Стоби до Стенае ( Демир Капија), од Појтингеровата карта и од итинерарите се дознало за постоењето на градот Антигонеа, кој се наоѓал на самата магистрала на доминантното ридче Градиште, покрај денешниот град Неготино, а се претпоставува дека градот бил именуван по македонскиот крал Антигон Досон или Антигон Гонат, во 3 век пред нашата ера Освен на местото Градиште во Неготино, неговата локација се барала и на Војшански Рид во село Војшанци, и на местото Чаир во Тремник.На Градиште постоел живот и во архајско време, што значи и пред доаѓањето на Филип V. Се препоставува дека Филип 5 најпрвин го оформил како воено стратегиска база, а подоцна кога ја освоил целата територија на Пајонија ја конвертирал во цивилен град со делумна колонизација.

 

Градот Антигонеа на Градиште Неготино има исклучително атрактивна позиција на самата магистрала, над Вардар и до градот Неготино. Западно до градот е откриено и тумуловидно погребување со кочија што датира во раната антика. Античката кочија која е пронајдена била изработена од сребро. Сребрени токи ги краселе коњите чии скелети биле пронајдени токму на овој локалитет, со што се покажало дека покојникот што почивал во гробот имал висок општествен статус во текот на својот живот.Стратегиската позиција на Градиште е извонредна бидејќи овозможува од ридот да се надгледува огромна територија.

 

Поради тоа се смета дека тука било воено утврдување, своевиден контролен, односно стражарски пункт, но досегашните истражувања засега открија само живеалишта со покуќнина, односно садови вообичаени за домаќинството, кои биле организирани во урбанизирана населба со улици, канали за одвод на водата, тротоари. Археолозите се надеваат дека со наредните истражувања, додека трае проектот со Универзитетот од Гдањск, ќе успеат да откријат и дел од јавните градби на градот.

 

Целта на ископувањата на Градиште е Неготино да стане атрактивно за развој на културниот туризам, бидејќи Градиште е интересен локалитет затоа што се наоѓал на Виа Игнација, главниот пат во античко време кој од Стоби, преку Антигонеа, Стенае водел кон Вардарскиот Рид, а во тоа време тоа бил еден од најфреквентните патишта. Дали археолошкиот локалитет Градиште во Неготино го крие античкиот град Антигонеа е прашањето на кое се очекува да даде одговор овој меѓународен истражувачки проект.

Маја Алексовска



Share

Додади коментар