„Неколку пати имам јасно искажани ставови, еве ја користам приликата и овде во тиквешијата да ги повторам тие ставови. Јас сум убеден дека на 11-ти декември, ќе има фер, регуларни и демократски избори, односно ќе сторам се како еден од важните фактори во Република Македонија, јас, мојата партија, и целата опозиција, изборите да бидат слободни каде што граѓаните на регуларен, фер и демократски начин ќе ја изразат слободната волја и тие ќе ја проектираат иднината на Македонија“ рече вчера при посетата на тиквешијата, лидерот на македонската опозиција, Зоран Заев одговарајќи на нашето прашање дали во Македонија избори ќе има како што е договорено во Пржино.
„Впрочем јас сум убеден дека промените ќе се случат во Македонија. Промените се здрави и тие се добредојдени и треба да се случат, но и до тогаш, но и после тоа останува ние заедно да ја градиме оваа наша земја, и да ги решаваме ваквите проблеми. Во тоа име уште еднаш испраќам порака, да не се дрзне под политички притисок било кој, а така и Уставниот суд да го укинува Специјалното Јавно Обвинителство. Тоа е трошката надеж за враќање на правдата во Македонија. Ние не можеме да тврдиме дали е некој однапред виновен или не. Оваа институција е таа која е дел од правосудниот систем и остварува постапки коишто завршуваат со обвинителни акти или со отфрлање на кривични пријави и индикации. Да се остави таа институција да работи заради тоа што тоа е начин како да се врати правдата во Република Македонија. Знаејќи дека еве денеска сме 27-ми, до 12-ти октомври работи Парламентот, нема закажано седница на Уставниот суд, каде што ќе се разгледува ваквата иницијатива, за мене тоа значи испратена порака од Уставниот суд дека тие немаат намера до изборите да ја разгледуват иницијативата за уставноста на Уставниот суд, што е добро решеније, заради тоа што ако има нешто неуставно од законот, или нешто коешто Уставниот суд треба да го разгледува, чесно е тоа да се случи веднаш по изборите, заради тоа што удар врз Специјалното Јавно Обвинителство, е сериозно застрашување за сите во Македонија, граѓаните ќе реагираат и верувам дека никој тоа не може да го контролира“ рече Заев.
Во врска со протестите на шарената револуција за подршка на СЈО и фрлањето на боја врз кривичниот суд во Скопје, Заев рече дека независните институции требало да бидат оставени независни, иако македонското правосудство било целосно поклопено од извршната власт.
„ Јас верувам, гневот и револтот коишто постојат кај граѓаните се причината да се фрлаат бои, или да се напаѓа некоја институција којашто е сопственост на сите граѓани на Република Македонија. Сакале некои граѓани да дадат до знаење дека не е во ред, од сите овие предмети на СЈО, да има само еден домашен притвор којшто е укинат, а сите предмети којшто власта или државното јавно обвинителство ги проследуваат... некои споменуваат бројка од 711, имаме 707 притвори, тоа е повеќе од 99%. Само по себе тоа предизвикува гнев кај граѓаните и верувам дека само тоа се причините да се фрла боја врз Основниот суд Скопје 1“ нагласи Заев.
Ангел Данов
Додади коментар