Богата програма и за Тиквешки гроздобер 2024 - Кавадарци очекува илјадници посетители
30-08-2024 РЕГИОН

Подготовките финишираат. Од шести до осми септември во Кавадарци ќе се испишува нова приказна под отворено небо. Ќе се одржи стопанско туристичката и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“. Од општината очекуваат илјадници посетители кои ќе имаат можност да уживаат во богатата културно – забавна програма.

 

Покрај музичката понуда и годинава ќе се одржат бројни културни и спортски настани, а ќе се одржи и винскиот карневал.

 

„ наредната недела во Кавадарци доаѓаат 16 делегации од страна, од побратимените градови, и Кавадарци е отворен град за секој кој сака да биде дел од големата забава која со масовната посетеност придонесува и за економскиот развој на општината“ – вели градоначалникот Митко Јанчев и додава дека во организацијата на Тиквешки гроздобер се внимава  на секој аспект, за манифестацијата да биде на највисоко ниво.

 

Спонзорите на манифестацијата обезбедија пет милиони денари, пари со кои ќе се платат хонорарите на естрадните гости, а парите од општината во висина од 6,5 милиони денари се за потребите на карневалското дефиле.

 

 

„Нашата општина бележи развој во секоја област, се движиме по европскиот пат и одиме напред.  Кога се работи во тек на цела година со силно темпо, сосема заслужено е да се одвои и време и средства за еден ваков културно-забавен настан, кој во името на традицијата го продолжуваме и се трудиме секоја година да привлечеме повеќе гости “ вели Јанчев и ги поканува сите граѓани да бидат дел од годинашниот гроздобер.

 

Тиквешкиот гроздобер започнува во петок на 6 септември со отворањето на меморијалниот турнир „Сестри Китеви“, ќе се одржи традиционална таблијада, а во винскиот музеј преку фотографии ќе се направи ретроспектива на гроздоберот низ годините.

Од 21 часот започнува забавниот дел на градскиот плоштад кога е предвиден настапот на Лара, Пајак и Реља за помладите.

 

Тиквешкиот карневал ќе се одржи во сабота на 7 септември од 17 часот, следува настап на локални музички групи, а од 21 часот на плоштад настап ќе имаат Милица Ризо, Огнен Здравсковски и Милица Павловиќ.

 

Изложбата на олд тајмери и оваа година е дел од гроздоберските настани. Ќе се одржи во недела на 8 септември, по што следи мото рели, дегустација на вина, ќе се презентираат скулптури од првата вајарска колонија „Моклиште 2024“ во музеј галерија, а вечерта на плоштадот ќе следи настапот на Некст тајм, Барбара Поповиќ и Ацо Пејовиќ.

 

А.Д

 



Share

Додади коментар