Убавото мартовско време со пролетни температури денеска измами голем број граѓани на градскиот плоштад во Кавадарци да ги погледнат најмладите под маска по повод денот на шегата, први април.
Маскенбалот изобилуваше со ликови од цртаните филмови, принцези, бетмени, спајдермени, но и ученици кои преку своите маски упатија еко пораки за почиста животна средина.
Во оваа манифестација беа вклучени учениците од основните училишта и најмладите од детската градинка „Рада Поцева“.
Децата беа најрадосни, а возбудени и нивните родители, баби и дедовци. Сите сакаа да го овековечат моментот кога нивните најмили беа под маска.
И на оваа априлијада се покажа креативноста на родителите и наставниците. Сите заедно приредија прекрасна манифестација во чест на денот на шегата, први април, кога сите треба да заборавиме на секојдевните проблеми и треба да се шегуваме.
Во организацијата на денешната априлијада учествуваше домот на културата „Иван Мазов Климе“ со подршка на општината и министерството за култура.
Годинава манифестацијата имаше натпреварувачки карактер. Жири комисијата имаше навистина тешка задача. За најдобра ја избра маската „Кременковци“ на ученици од ООУ „Димката Ангелов Габерот“ од с.Ваташа. Наградените имаат бесплатна едно дневна екскурзија до Михајлово.
А.Д
Додади коментар