Филипче до Мицкоски и Славески: Се среќававте ли со Мацура и што договаравте за Алта банка?

Филипче до Мицкоски и Славески: Се среќававте ли со Мацура и што договаравте за Алта банка?

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, упати директни прашања до премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, да одговорат дали имале средби со сега притворениот сопственик на српската Алта банка и што договорале за банката во Македонија. 

„Имало ли средби со Давор Мацура на гувернерот Трајко Славески? Имало ли средби помеѓу гувернерот и Давор Мацура на кои што присуствувал и премиерот Христијан Мицкоски? Доаѓал ли тука со скап приватен авион Давор Мацура на такви средби? Ова се прашања кои што се многу важни. Од кои што зависи и репутацијата на земјава, угледот на Македонија во Европа и во светот“, рече Филипче.

Воедно, Филипче посочи дека власта мора да одговори и дали непосредно пред или по преземањето на Битолската банка имало трансфери на пари и дали државни и јавни претпријатија добивале насоки да ги префрлат своите сметки во Алта банка.

„Имало ли трансфери на пари пред купувањето на Алта банка Битола? Било ли укажувано на што посебно треба да одговори премиерот на државни и јавни претпријатија непосредно пред или непосредно после оваа трансакција пред Алта банка Белград да ја купи Битолската банка, да ги префрлат своите сметки во таа банка?“, рече Филипче.

На прес-конференцијата, Филипче го отвори и прашањето дали луѓе од тимот на Мицкоски патувале во Србија со приватниот авион на Мацура и дали на тие средби се разговарало за трансакциите околу Алта банка.

„Се среќавале ли со него? Дали доаѓал тука на приватни средби со неговиот приватен авион? Дали со тој приватен авион некои други луѓе од кругот на тимот на премиерот патувал во Србија, имале средби, разговарале за овие трансакции. И ова се клучни прашања на коишто ако премиерот и гувернерот не одговараат сега пред јавноста и се обидуваат да дефокусираат, а што веќе не им поминува, ќе треба да одговорат пред други институции многу брзо“, рече Филипче.

Тој предупреди дека случајот со Алта банка не може да се затвори со пропаганда и префрлање на вината врз други, бидејќи одговорноста за овозможувањето на влезот на сомнителниот капитал во земјава е кај власта на ВМРО.

„Христијан мора да знае дека тоа веќе не му поминува и дека луѓето се свесни дека со ништо повеќе нема да може да дефокусира или да префрли вина на некој друг. Експлицитната одговорност за ова што се случува ја имаат тој и неговата криминална група околу него. Не може да е друг крив тоа што Давор Мацура, којшто е сега во притвор, којшто извадил пред неколку дена 400 милиони евра во кеш во Србија, пари од корупција и од криминал му дозволиле да дојде тука и да не одговорат на клучните прашања“, рече Филипче.