Кавадарци — Општина Кавадарци отпочна постапка за донесување на Изменување и дополнување на Генералниот урбанистички план на град Кавадарци и населбите Ваташа и Глишиќ, со која се прошируваат границите на важечкиот план.
Согласно член 44 став 4 од Законот за урбанистичко планирање, се известуваат сопствениците на земјоделско земјиште во КО Глишиќ, КО Кавадарци, КО Кавадарци Вонград и КО Ваташа дека можат да извршат увид во катастарските парцели кои влегуваат во прелиминарниот плански опфат.
- Каде може да се изврши увид: На интернет-страницата на Општина Кавадарци или во просториите на Општината (Одделение за урбанизам).
- Временски период: Од 2 ноември до 16 ноември 2026 година, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот (во траење од 15 календарски денови).
Од Општината напоменуваат дека во оваа фаза не е изработено предлог планско решение, односно сè уште не се одредени намените за катастарските парцели. За истото дополнително ќе бидат организирани стручна расправа и јавна презентација, за што јавноста благовремено ќе биде известена.