Со промоцијата на новата мобилна апликација „мУслуги“, граѓаните отсега добиваат можност на своите мобилни телефони да ги имаат своите лични документи, како што се личната карта и возачката дозвола, како и брз пристап до бројни јавни услуги на едно место.
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната официјална промоција истакна дека суштината на дигиталната трансформација не е само воведување нова технологија, туку создавање функционален систем во кој институциите меѓсебно разменуваат податоци, а граѓаните повеќе не мора да губат време пред шалтери или да носат хартии од една до друга институција.

- „Целта е граѓанинот да престане да биде врската меѓу различните делови на администрацијата. Дигиталната трансформација има вредност само кога плановите и стратегиите ќе се претворат во нешто што граѓанинот може практично да го користи“, нагласи Мицкоски.
Апликацијата претставува конкретен чекор кон поедноставување на процедурите, а надлежните најавуваат дека во наредниот период постојано ќе се зголемува бројот на услуги што граѓаните ќе можат да ги користат едноставно, сигурно и без непотребно чекање.