Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција за вториот ребаланс на буџетот за 2026 година, нагласи дека за само две и пол години, јавниот долг на државата е зголемен од осум на речиси 12 милијарди евра. Филипче укажа дека власта на Мицкоски генерираше четири милијарди евра нови долгови, а граѓаните добија само камати што ќе ги плаќаат генерации
„За две години, практично, две и пол години, за 50 проценти е зголемен вкупниот долг на државата. Од 8 на скоро 12 милијарди евра. При тоа, од тој зголемен долг, од тие нови, скоро 4 милијарди евра. Рекорден долг од независноста од 1991 година на државата. Граѓаните не видоа ништо добро“, рече Филипче.
Тој нагласи дека доколку овие милијарди евра задолжување беа искористени за подобрување на животот на граѓаните, резултатите ќе беа видливи преку повисоки плати, поголема поддршка за земјоделството, подобри услови за студентите и младите, како и поквалитетни здравство и образование. Наместо тоа, граѓаните не гледаат никаков бенефит од огромното зголемување на долгот.
„Ајде да имаше подобар стандард, ајде да имаше поголеми плати, ајде да имаше поголеми субвенции во земјоделството, да имаше зголемување на приходите преку оброк или преку други извори за студентите, да имаше некаква стимулација на младите да останат во земјата, нешто да се случуваше на квалитативната страна во здравството, ништо не се случува, нешто во образованието, исто така, никој не виде никаков бенефит од ова огромно зголемување, само долгови и камати, кои што ќе ги плаќаат следните кој знае колку генерации“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ предупреди дека јавниот долг ќе достигне 12 милијарди евра, а заедно со долговите на јавните претпријатија, односно на Јавното претпријатие за државни патишта, ќе надмине 63% од бруто домашниот производ. Филипче укажа дека економијата нема капацитет да го издржи овој обем на задолжување.
„Што значи тоа? Дека на приходната страна сериозно е потфрлено. Јавниот долг расте, ќе достигне 12 милијарди евра, а со долговите на јавните претпријатија, пред сè на Јавното претпријатие за државни патишта, долгот ќе надмине 63% од бруто домашниот производ. Ние немаме капацитет на економијата да го издржиме овој огромен јавен долг“, рече Филипче.
Притоа, Филипче посочи дека новиот втор ребаланс на буџетот дополнително ја отвора дилемата за ефектите од задолжувањето, бидејќи капиталните инвестиции се кратат, а дефицитот останува зголемен. Наместо средствата да се насочат кон развојни проекти и подобрување на стандардот, и вотриот ребаланс служи за пополнување на буџетските дупки.
„Тотален дебакл и практично признание дека сè е промашено при конструирањето на овој буџет. Со јулскиот ребаланс, дефицитот беше зголемен за околу 7 милијарди денари. Тогаш, образложението беше дека тие пари ќе одат за капитални инвестиции. Сега, сумата на капитални инвестиции се крати од јулскиот ребаланс, се носи на првично предвидената, а дефицитот останува 7 милијарди денари над почетниот план“, рече Филипче.