Јавна дебата во Кавадарци: Граѓаните и секторот ќе ги дефинираат приоритетите за грантови преку ReLOaD 3 програмата

Јавна дебата во Кавадарци: Граѓаните и секторот ќе ги дефинираат приоритетите за грантови преку ReLOaD 3 програмата

Општина Кавадарци упати отворен повик до сите граѓански организации и заинтересирани граѓани за учество на јавна дебата, која се организира во соработка со Програмата ReLOaD 3 на УНДП. На настанот ќе се разгледуваат и дефинираат приоритетните области за претстојниот Јавен повик за финансиска поддршка за 2027 година.

Дебата ќе се одржи во четврток (01.10.2026 година), со почеток во 11:00 часот, во Големата сала на Општина Кавадарци.

Предлог-приоритетите опфаќаат четири клучни области:

  • Заштита на животна средина: Фокус на активности за унапредување на екологијата, справување со климатските промени, загадувањето на воздухот и управувањето со отпадот. Предвидени се и иновативни проекти за подигање на еко-свеста, зачувување на биодиверзитетот, развој на урбано зеленило и еко-патеки, како и заштита на еко-системот на Тиквешкото Езеро.
  • Здравство и социјална заштита: Проекти насочени кон превенција од секаков вид насилство (со акцент на врсничкото и семејното насилство), поддршка и подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и ранливите категории, како и едукативни програми за превенција од зависности.
  • Локален економски развој: Промоција на винскиот, еко и алтернативниот планински туризам (велосипедизам и планинарење), едукација за органско производство, проекти од областа на културата и уметноста, како и иницијативи за поголема социјализација на лицата над 50-годишна возраст.
  • Родова еднаквост: Поддршка за економско зајакнување и самовработување на жените (особено од руралните средини и ранливите групи), заедно со програми за заштита на човековите права и спречување на дискриминација и насилство врз жените и младите.

Од локалната самоуправа апелираат за масовно учество на граѓанскиот сектор, со цел заеднички да се утврдат вистинските потреби на локалната заедница пред официјалното објавување на повикот.