Општина Кавадарци се збратими со кинескиот град Јиву — се отвораат нови можности за економска соработка и инвестиции

Општина Кавадарци се збратими со кинескиот град Јиву — се отвораат нови можности за економска соработка и инвестиции

КАВАДАРЦИ — Општина Кавадарци направи значаен чекор кон меѓународно поврзување и економски развој со потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и збратимување со кинескиот град Јиву.

Поводот за ова историско партнерство беше денешната работна средба на која градоначалникот Митко Јанчев, заменик-градоначалникот Ванчо Настов и дел од советниците во Советот на Општина Кавадарци беа домаќини на Нејзината Екселенција Џијанг Сјаојан, амбасадорка на Народна Република Кина во Северна Македонија, придружувана од претставници на кинеската амбасада.

На средбата фокусот беше ставен врз продлабочување на меѓусебните односи, размената на искуства и воспоставувањето нови долгорочни партнерства. Свечениот чин на потпишување на договорот го изврши заменик-градоначалникот Ванчо Настов, со што и официјално се поставија темелите за идна заедничка соработка.

Договорот за збратимување отвора широк спектар на можности за конкретна реализација на проекти во повеќе клучни сектори, меѓу кои трговијата и економијата, логистиката, технологијата, образованието, културата, туризмот и спортот.

Градот Јиву е познат како еден од најважните трговски и логистички центри во Кина и претставува стратешка точка во рамките на глобалната иницијатива „Појас и пат“. Поврзувањето на Кавадарци со ваков глобален трговски гигант се очекува да донесе директни бенефити за локалната економија, отворајќи врати за нови инвестиции, бизнис-поврзувања и проекти од заеднички интерес за двете општини.