Со свечен настан, кој ќе се одржи во четврток (17 септември) во Музејот на македонската револуционерна борба, со почеток во 19:00 часот, ќе биде одбележан значајниот јубилеј – 75 години од основањето на Матицата на иселениците од Македонија, институција која седум и пол децении ја одржува и развива врската меѓу Македонија и Македонците ширум светот. За историјата и работата на Матицата ќе говори Фиданка Танаскова, долгогодишен новинар во илустрираното списание за иселениците „Македонија“.
Централен дел од одбележувањето ќе биде промоцијата на книгата „Матица на иселениците од Македонија: 75 години матица на Македонците низ светот“, од авторите проф. д-р Катерина Тодороска, Елена Оровчанец-Спироска и Кристијан Петрески.
Книгата ќе ја промовира проф. д-р Васил Тоциновски, кој во својата рецензија ја определува како „книга на документот“ – дело кое не се потпира на романтични претстави за минатото, туку на аргументи и архивска документација.
„Туѓи и се емоциите и изгубените соништа, некои романтични времиња, таа ги признава и говори само со аргументи сочувани во архиви“, наведува Тоциновски, посочувајќи дека токму фондот на Матицата претставува еден од богатите и значајни извори за проучување на современата македонска историја.
Монографијата го следи развојот на Матицата низ историски документи и хронолошки го прикажува нејзиното дејствување, почнувајќи од основањето и првите децении од нејзината работа.
На 17 јуни 1951 година во Скопје се одржало Основачкото собрание на Матицата на иселениците од Македонија, со што биле создадени институционални услови за воспоставување врска и културна размена со Македонците кои живееле надвор од границите на тогашна Македонија. Бил формиран Управен одбор од дванаесет члена.
Матицата во текот на годините имала широка и разгранета дејност. Таа работела на поврзување и помагање на македонските друштва низ светот, на зачувување на македонскиот јазик, култура и традиции, на организирање културни и научни настани, како и на поддршка на образованието на младите генерации Македонци во дијаспората.
Особено место зазема илустрираното списание „Македонија“, кое со децении било еден од најважните мостови меѓу татковината и Македонците во светот. На неговите страници се објавувале информации за случувањата во Македонија, прилози од националната историја и култура, како и текстови и информации за активностите на македонските друштва во САД, Канада, Австралија и во други земји. Списанието се објавувало на македонски и англиски јазик, со што било достапно и за потомците на македонските иселеници од подоцнежните генерации. Посебно место имале и прилозите за деца, кои во дијаспората се користеле и како дополнување во наставата по македонски јазик.
Како дополнување на списанието се издавал и годишниот „Иселенички календар“, кој, како што забележува Тоциновски, со љубов и интерес се очекувал и читaл меѓу македонските иселеници.
Архивската документација што ја обработуваат авторите сведочи и за бројни други активности – од културни манифестации и гостувања на фолклорни ансамбли, преку учеството на иселениците на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид, до организирањето школи и курсеви за изучување на македонскиот литературен јазик.
Значајна е и улогата на Матицата во афирмацијата на македонската национална и културна посебност во странство. Во периоди кога македонското национално прашање било предмет на различни оспорувања и пропаганди, Матицата преку своите публикации, контакти и активности била важен фактор во афирмацијата на македонската историја, култура и јазик.
Во рецензијата проф. д-р Васил Тоциновски посочува дека токму архивскиот фонд на Матицата е „немерливо богат“ и претставува дел од историјата, традициите и афирмацијата на Македонија во светот.
Посебен дел од книгата е посветен и на луѓето кои ја раководеле Матицата низ годините. На крајот од монографијата се објавени кратки биографски податоци и фотографии на претседателите Димитар (Димче) Мире Стојанов, Томе Буклевски, Живко Василевски, Боге Сотировски, Томе Саздов, Иван Катареџиев, Димитар Керамитчиев, Ѓорѓи Тоновски и Иван Џо Петрески.
75-годишниот јубилеј на Матицата на иселениците од Македонија е повод да се потсетиме на една институција чија основна мисија била поврзувањето на татковината со македонските иселеници, зачувувањето на јазикот, културата и традициите и создавањето трајни врски меѓу Македонија и македонските заедници низ светот.
Историјата на Матицата, како што заклучува проф. д-р Васил Тоциновски, е значаен дел од современата македонска историја, бидејќи ја отсликува постојаната врска меѓу македонскиот народ и неговата дијаспора.
„Каменот си тежи на своето место“, пишува Тоциновски, определувајќи ја монографијата како своевиден мост – книга која ја зачувува меморијата за една институција, но и за генерациите Македонци кои, иако далеку од татковината, ја одржувале врската со неа.