Д-р Горан Колевски е нов директор на Општата болница во Кавадарци

Д-р Горан Колевски е нов директор на Општата болница во Кавадарци

Денес во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кавадарци официјално се изврши примопредавањето на директорската функција. За нов раководител на оваа здравствена установа е именуван д-р Горан Колевски. Toj e специјализант по анестезиологија со интензивно лекување.

Преку официјално соопштение на нивната фејсбук-страница, од болницата упатија јавна благодарност до досегашната директорка, д-р Гордана Ѓорчева Камчева, за нејзиното досегашно раководење.

„Изразуваме голема благодарност до досегашната директорка д-р Гордана Ѓорчева Камчева за нејзината посветеност, професионалност и ангажман, како и за придонесот во унапредувањето на работата на установата и здравствените услуги за граѓаните“, се наведува во објавата.

Од установата упатија желби за успешен мандат и на новоименуваниот директор, истакнувајќи ги очекувањата за понатамошен развој на здравствената заштита во регионот.

„На новиот директор д-р Горан Колевски му посакуваме многу успех, енергија и мудрост во извршувањето на функцијата, со уверување дека со посветена работа, одговорност и професионален пристап ќе продолжи да се гради уште посилна и поквалитетна здравствена установа. Нека секој нов ден биде чекор напред кон подобро здравство и подобра грижа за нашите граѓани“, стои во постот на кавадаречката болница.