Јанчев: Од септември уште две училишта преминуваат во едносменска настава, зачувани се сите работни места (видео)

Јанчев: Од септември уште две училишта преминуваат во едносменска настава, зачувани се сите работни места (видео)

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, во гостувањето во емисијата „ТВ Објектив“ објави важни новости за модернизацијата на образованието и воведувањето на едносменската настава од претстојната училишна година.

По повеќегодишни вложувања во инфраструктурата — реновирање училишта, нови покриви, изолации и изградба на спортски сали — Општина Кавадарци, во соработка со Министерството за образование, успешно ја заврши анализата за премин кон едносменско работење.

„Успеавме, без разлика на категоријата на наставници — било да се одделенски, предметни или останат кадар — да обезбедиме никој да не остане без работа. Сите вработени го задржуваат својот работен ангажман, што беше една од основните грижи кај наставничкиот колектив.“ — истакна Јанчев.

Планови по училишта

  • Од септември во една смена: Наставата во една смена започнува во ООУ „Тошо Велков – Пепето“ и ООУ „Димка Ангелов – Габерот“.
  • Следни фази (2027/2028 година): Останатите две основни училишта — ООУ „Гоце Делчев“ и ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ — ќе преминат во едносменска настава во училишната 2027/2028 година. За оваа намена веќе се обезбедени буџети за доградба на уште 14 училници.

Нови содржини и можности за учениците

Јанчев нагласи дека едносменското работење не значи само препладневна настава, туку и трансформирање на училиштата во современи образовни центри.

Со оваа промена, училиштата ќе им овозможат на децата во попладневните часови да учествуваат во креативни проекти, спортски активности, забавни содржини, па дури и користење на базини и СПА-содржини што им стојат на располагање.

А.Д