Новиот бран високи температури, кои во одредени региони од земјава ќе достигнат и до 40 степени, го зголемува ризикот од појава на труења со храна. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира граѓаните да бидат исклучително внимателни што јадат, каде пазарат и како ги чуваат продуктите.
Високите температури претставуваат сериозна опасност и за здравјето на животните доколку навреме не им се обезбедат доволно количини безбедна храна и свежа вода за пиење.
Од АХВ за МИА истакнуваат дека за да се избегнат несакани последици и здравствени компликации, неопходно е да се направи правилен избор уште при самата набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и правилно складирање на производите.
На што да внимавате при пазарењето?
- Купувајте од проверени места: Купувајте храна исклучиво од регистрирани објекти каде што лесно расипливите производи од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.
- Внимавајте на амбалажата: Избегнувајте производи со оштетена, нагмечена, надуена или напукната амбалажа.
- Замрзнатото купувајте го последно: Разладените и замрзнатите производи купувајте ги на самиот крај од пазарењето за да го скратите времето на нивно изложување на топлина.
- Без долго чување во автомобил: Месото, млекото и јајцата не смеат долго да престојуваат во возила или други транспортни средства на високи температури.
Златни правила за подготовка и чување на храната дома
- Термичка обработка и температура: Разладената храна чувајте ја на температура пониска од 5°C, а храната што ја готвите обработете ја на температура повисока од 60°C.
- Темелно миење: Овошјето и зеленчукот пред употреба задолжително измијте ги под силен млаз вода, а месото, млекото и јајцата термички добро обработете ги.
- Правилен распоред во фрижидерот: Зготвената храна чувајте ја на најгорните полици, додека суровата храна треба да стои на подолните.
- Заштита од штетници: Храната мора да биде соодветно покриена и заштитена од инсекти, глодачи и домашни миленичиња.
Внимание при јадење во објекти за брза храна!
Посебно внимание се препорачува при конзумирање храна надвор од домот. Од АХВ советуваат да се посетуваат само угостителски објекти кои имаат добра репутација и строго водат сметка за хигиената.
„Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник, како што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови и преливи. Доколку сметате дека храната не е безбедна или има променет вкус и мирис, не ризикувајте – веднаш фрлете ја“, предупредуваат од Агенцијата.