Mакедонката Елена Вукановска оствари значаен меѓународен успех, освојувајќи две златни медали на престижен фестивал по ориентален танц, кој се одржа во Кипар.
Фестивалот се одржа во хотелот со пет ѕвезди, а беше организиран со поддршка на една од најреномираните светски организации во областа на танцот.
Вукановска настапи во четири категории, при што освои две златни медали – во дисциплините Tabla Solo и Fusion Bellydance. Покрај тоа, се закити и со сребрен медал во категоријата Classic Oriental, како и со бронзен медал во Arabic Folklore, потврдувајќи ја својата разновидност и високо ниво на изведба.
Со освоените резултати, таа се стекна и со титула меѓународен победник, што ѝ отвора можност во идното издание на фестивалот да биде дел од судискиот тим како интернационален судија.
По овој голем успех, Вукановска истакна:
„Златниот медал е навистина големо достигнување и успех за мене, но ова е успех и за државата што ја претставувам на овие престижни фестивали и истовремено освојување на интернационални титули.“