КАВАДАРЦИ – Советот на Општина Кавадарци на својата претпоследна седница ја донесе новата Програма за одржување на локалните патишта и улици за зимската сезона 2026–2027 година, со што и официјално беа утврдени мерките, приоритетите и обврските за непречено одвивање на сообраќајот во зимски услови.
Согласно програмата, комплетната надлежност за зимското одржување е доверена на Јавното претпријатие „Комуналец“, кое обезбедува 24-часовна подготвеност на дежурните служби, како и доволни количини на индустриска сол и ризла за посипување на коловозите.
Чистење по приоритети
Зимското одржување и чистење на улиците се одвива строго по утврдени приоритети со цел максимална ефикасност:
- Прв приоритет: Опфаќа ги клучните сообраќајници и објектите од јавен интерес. Според планот, овие улици мора да бидат целосно проодни најдоцна до 06:30 часот наутро, односно најдоцна шест часа по престанокот на врнежите од снег.
- Втор приоритет: Улиците од оваа категорија се ставаат во функција во рок од 12 до 24 часа по чистењето на сообраќајниците од првиот приоритет.
Расположлива механизација
За потребите на зимската служба обезбедени се четири специјални возила за чистење на снег и посипување со сол и ризла (при што едно возило е отстапено од општествено одговорната компанија „Јами“), како и шест дополнителни градежни машини кои ќе бидат ангажирани во случај на пообилни снежни врнежи. На терен во периодот на врнежи постојано ќе дежураат и две патролни возила за навремена информираност.
Апел до возачите и граѓаните
Од надлежните упатуваат апел до возачите правилно да ги паркираат своите возила на означените паркинг-места, што поблиску до рабовите на коловозите, за да не се попречува движењето на зимската механизација. Во случај на непрописно паркирани возила кои го попречиле чистењето, ќе се интервенира во соработка со Полициската станица Кавадарци и ЈП Паркинг.
Граѓаните можат да пријавуваат непроодни улици и локални патишта преку Единствениот повикувачки центар на бесплатниот број 13 300, со што директно придонесуваат за побрза интервенција на теренските екипи. Зимските дежурства и распореди остануваат активни до 15 март следните година.
©ктв.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.