Возниот парк на ЈП Комуналец Кавадарци збогатен со нов мал кипер (видео)

Возниот парк на ЈП Комуналец Кавадарци збогатен со нов мал кипер (видео)

КАВАДАРЦИ – Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци го засили својот возен парк со нов мал кипер-камион, наменет за потребите на јавната хигиена, тековното одржување и реконструкциите на терен.

Набавката е во вредност од околу 3,2 милиони денари со вклучен ДДВ. Средствата се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, со сопствено кофинансирање од Општина Кавадарци во износ од 700.000 денари.

Градоначалникот Митко Јанчев, кој присуствуваше на промоцијата на новото возило, истакна дека во изминатите три години возниот парк на претпријатието е значително обновен со набавка на седум нови камиони, оперативни возила и тешка механизација, вклучувајќи ровокопачи и специјални метларки преку КФВ проектот.

– Домаќинското работење и остварената добивка во последен квартал од околу 20 милиони денари овозможуваат средствата да се реинвестираат назад во претпријатието, со цел поквалитетни и побрзи услуги за граѓаните – истакна Јанчев.

За наредната година веќе е најавен нов план за јавни набавки кој предвидува купување на нови смеќарки со капацитет од 5 до 8 кубни метри, доградба на специјалното возило „Унимог“ со нова глава за кастрење гранки покрај локалните патишта, како и набавка на дополнителни мали кипери за потребите на водовод и канализација.

Во меѓувреме, екипите на терен продолжуваат со интензивни активности – во тек се реконструкции на водоводни и канализациони мрежи на улиците „Диме Поцев“, „12 Другари“, „22 Декември“, како и завршни активности на улицата „Дисанска“, со што целосно се заокружува годишната програма за развој и унапредување на комуналните услуги во општината.

А.Д