Одговорноста за случајот со Алта банка, начинот на нејзино влегување на македонскиот финансиски пазар и проблемите со кои се соочуваат граѓаните и финансискиот систем денеска е кај премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
„Единствено одговорноста е на гувернерот Трајко Славески и на премиерот Христијан Мицкоски за ова незадоволство, немир, паника кој што се случува кај нашите граѓани. Редовите пред банките, експозитурите на Алта банка насекаде низ државата, кога граѓаните си ги бараат своите пари, а Трајко Славески и Христијан Мицкоски не им дозволуваат да ги земат“, рече Филипче.
Филипче побара оставка од гувернерот Славески, обвинувајќи го дека се обидува да ја избегне сопствената одговорност и да го заштити премиерот Мицкоски.
„Најдобронамерно денеска го повикуваме гувернерот Трајко Славески да си поднесе оставка. Да не заглавува повеќе од тоа што е веќе заглавен. Да не се обидува на несоодветен начин да се спаси себеси и премиерот Мицкоски, кој што е очигледно негов наредбодавач“, порача Филипче.
Филипче нагласи дека Славески имал обврска да ја провери репутацијата на сопственикот на Алта банка и капиталот што влегува во македонскиот финансиски систем, потсетувајќи дека СДСМ една година предупредува за сомнителните финансиски трансакции поврзани со банката.
„Ние укажуваме веќе една година дека на нашиот финансиски пазар влегува субјект кој што не е соодветен, кој што има сомнителни финансиски трансакции, а тоа го потврди и Европската централна банка и други финансиски институции. Станува збор за банка која што, внимавајте, за пет или шест години за тринаесет пати ја зголемила својата актива. Гувернерот Трајко Славески очигледно не постапил по закон и, како што изјави дека не го познавал газдата, а имал обврска да знае кој е газда на Алта банка, затоа што требал да знае со кој човек има работа и каква е репутацијата на газдата на банката која што влегува на нашиот финансиски пазар“, истакна Филипче.
Филипче побара Мицкоски и Славески да одговорат дали бил проверен капиталот што влегува во земјата, каква репутација има сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, и дали имало трансфери на пари пред купувањето на Алта банка Битола.
„Зошто не провериле каков капитал влегува во земјата? Било ли укажувано на што посебно треба да одговори премиерот на државни и јавни претпријатија непосредно пред или непосредно после оваа трансакција пред Алта банка Белград да ја купи Битолската банка, да ги префрлат своите сметки во таа банка. Имало ли средби со Давор Мацура на гувернерот Трајко Славески? Имало ли средби помеѓу гувернерот и Давор Мацура на кои што присуствувал и премиерот Христијан Мицкоски? Доаѓал ли тука со скап приватен авион Давор Мацура на такви средби? Ова се прашања кои што се многу важни. Од кои што зависи и репутацијата на земјава, угледот на Македонија во Европа и во светот“, истакна Филипче.
Филипче нагласи дека Мицкоски и Славески мора да преземат одговорност и за проблемите со пристапот на граѓаните до нивните средства.
„Не им дозволуваат на луѓето, на штедачите, на пензионерите, на работниците да стигнат до своите средства поради нивните лоши одлуки. Сè уште нема одговор од гувернерот, ниту од премиерот. Мора да прифатат дека имаат одговорност и Христијан Мицкоски, посебно Трајко Славески за редиците пред банкоматите пред банките. Затоа што во денешно време е недозволиво луѓето да не можат да си стигнат до своите пари заради лошите одлуки, дали случајни или намерни. Тоа времето многу брзо ќе покаже“, порача претседателот на СДСМ.