Во Општина Росоман започнаа градежните активности за реконструирање и подобрување на инфраструктурата на крак од улицата „Пролетерска“, лоциран во непосредна близина на црквата „Св. Троица“.
Проектот опфаќа проширување на коловозот и поплочување со бехатон плочки, како и изведба на ново тротоарско решение со цел да се овозможи побезбедно и поуредно движење на пешаците. Дополнително, во рамки на зафатите целосно ќе бидат уредени и двата влеза на улицата, со што значајно ќе се подобрат пристапноста, функционалноста и естетскиот изглед на овој дел од населеното место.

Градоначалникот на Општина Росоман, Ѓорѓи Крстевски, истакна дека оваа локација е дел од пошироката акција за поплочување и уредување на улиците и јавните површини низ целата општина.
„Продолжуваме – улица по улица, проект по проект, за пофункционално и поубаво Росоман“, порача градоначалникот Крстевски во врска со тековните градежни активности.