Ј.П. „Комуналец“ Кавадарци гради нова атмосферска канализација на Западен Булевар и ул. „Диме Туриманџов“

Ј.П. „Комуналец“ Кавадарци гради нова атмосферска канализација на Западен Булевар и ул. „Диме Туриманџов“

КАВАДАРЦИ — Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци продолжи со интензивна реализација на теренски активности за системско и трајно подобрување на мрежата за одведување на атмосферските води во градот.

Во моментов активни градежни зафати се одвиваат на Западен Булевар, каде што се врши изградба на целосно нова атмосферска линија во должина од 120 метри. За оваа намена се поставуваат коругирани цевки со пречник Ф500, со што конечно ќе се реши долгогодишниот проблем на оваа делница со собирање и задржување на атмосферските води при пообилни врнежи.

Паралелно со овие активности, градежните екипи работат и на улицата „Диме Туриманџов“. На оваа локација се поставуваат нови атмосферски линии и дополнителни сливни решетки, чија цел е овозможување поефикасно и брзо прифаќање и одведување на атмосферските води.

Од Ј.П. „Комуналец“ информираат дека сите активности се реализираат како сопствена инвестиција и со сопствена оперативна изведба на претпријатието, со јасен фокус на трајно и системско санирање на критичните точки во урбаната средина.