Кавадарци и Јиву се збратимуваат – уште еден резултат на меѓународната соработка на Левица

Кавадарци и Јиву се збратимуваат – уште еден резултат на меѓународната соработка на Левица

Денеска се одржа официјална средба меѓу претставници на Кавадарци и кинескиот град Јиву, на која со онлајн церемонија беа потпишани документите за воспоставување збратимени односи меѓу двата града. Ова претставува конкретен чекор во продлабочувањето на врските меѓу Македонија и Народна Република Кина и уште еден резултат на меѓународната активност и соработката што Левица ја гради со Кина – пишуваат во соопштението од Левица.

Средбата беше отворена од Џанг Вејвеј, директорка на Канцеларијата за надворешни работи на Јиву, а прв се обрати Танг Танг, член на Постојаниот комитет на Градскиот комитет на Комунистичката партија на Кина во Јиву и заменик-градоначалник на Јиву. Тој ја истакна огромната трговска размена на Јиву, неговата улога како глобален трговски центар и потенцијалот за понатамошно продлабочување на економската соработка со Македонија.

По онлајн церемонијата на потпишување на документите, свое обраќање имаше м-р Реџеп Исмаил-Хактан, потпретседател на Левица и пратеник во Собранието на Република Македонија, кој го истакна потенцијалот што збратимувањето го отвора за Кавадарци и Тиквешијата – особено за пласманот на македонските вина и земјоделски производи на кинескиот пазар, но и за соработка во трговијата, логистиката, електронската трговија и туризмот.

Дополнително, Исмаил ја поздрави одлуката на Народна Република Кина за овозможување безвизен престој до 30 дена за македонските граѓани и порача дека Македонија треба да возврати со иста мера, овозможувајќи безвизен влез и за кинеските граѓани.

На средбата се обрати и Нејзината Екселенција Џијанг Сјаојан, амбасадорка на Народна Република Кина во Република Македонија, која го истакна значењето на збратимувањето на Кавадарци и Јиву за натамошното продлабочување на соработката меѓу двете земји и перспективите што тоа ги отвора за иднината. Амбасадорката упати и голема благодарност до Левица за придонесот во развивањето и зајакнувањето на македонско-кинеските односи.

Во воспоставувањето на овие врски свое учество имаат и советниците на Левица во Советот на Општина Кавадарци, Круме Богевски и Бошко Бошев, како претставници на Левица во локалната самоуправа и непосредни претставници на партијата во Кавадарци.

Односите меѓу Левица и Комунистичката партија на Кина се темелат на заемно почитување, рамноправност и солидарност, со уверување дека меѓународната соработка треба да биде во интерес на народите и нивниот развој.

Нека денешниот потпис биде почеток на конкретна и долгорочна соработка меѓу Кавадарци и Јиву, меѓу Македонија и Кина – стои на крајот во соопштението од политичката партија Левица.