Левица: Да ги поучи Мицкоски жртвите на семејно насилство како со една пријава се крева државата на нозе

Левица: Да ги поучи Мицкоски жртвите на семејно насилство како со една пријава се крева државата на нозе

Еден коментар со закана кон Мицкоски беше доволен државата да покаже дека, кога сака, умее да биде брза, организирана и немилосрдна. Полиција, идентификација, апсење, обвинителство, притвор… институционалната машинерија проработе како швајцарски часовник. Одеднаш нема ненадлежност, префрлање предмети, нема деелење памеет дека треба да се навикне на такви коментари кога се впуштил во тие води, нема „ќе се преземат мерки“ па месеци молк. Кога Мицкоски ќе почувствува закана, државата станува држава преку ноќ.

А кога една жена ќе каже дека поранешниот партнер ѝ се заканува или трпи семејно насилство – тогаш почнува нашата препознатлива институционална голгота: солење памет за нејзин избор, пријави уште еднаш, донеси доказ, чекај, оди дома, јави се ако повторно дојде, почекај обвинител, почекај суд, почекај системот да процени колку е реална опасноста. Колку пати треба една жена да пријави дека се плаши за сопствениот живот за нејзиниот страв да стане подеднакво важен како стравот на Мицкоски? Пет? Десет? Или институциите традиционално ја признаваат опасноста дури кога ќе пристигне налогот за обдукција?

Летаргија гледаме и кога мета се луѓе од опозицијата. Функционери и активисти од Левица пријавувале закани, повици на насилство и силување, кампањи на заплашување, а предметите тонат во онаа позната институционална магла во која никој ништо не знае, никој ништо не кажува и никој за ништо не одговара. Но, гледаме дека кога власта е загрозена, системот има рефлекс, додека за други – системот има хронична парализа.

И целата оваа ситуација уште еднаш разоткри дека не било точно дека полицијата секогаш мора да биде трпелива, дека обвинителството е затрупано, постапките по природа се бавни и дека треба време. Кога треба, време и координација одеднаш има, надлежноста е кристално јасна, а службите не си го префрлаат предметот како жежок костен. Значи, проблемот никогаш не бил само во процедурите. Проблемот е во тоа кому системот му доделува итност, а кому му доделува трпение.

Токму тука се гледа најгрдиот облик на нееднаквоста пред институциите. За луѓето без владејачка функција и влијание, заканата премногу често мора прво да созрее во сериозно насилство за системот да ја сфати малку посериозно. Жената треба да докажува дека стравот ѝ е оправдан, жртвата да објаснува зошто насилникот навистина е опасен, неистомисленикот да живее со тоа дека заканата можеби ќе остане само уште еден број во архивата. За Мицкоски, пак, не постои тој луксуз на институционално неверување. Таму државата не бара жртвата да ја уверува дека е загрозена, туку државата сама се уверува и веднаш дејствува.

И токму затоа случајот со Мицкоски е непријатен за власта, колку и да сака Мицкоски (типично предизборно) да глуми жртва. На целата јавност ѝ покажа како изгледа функционална држава кога политичкиот врв ќе реши дека случајот е важен бидејќи личноста им е драга. После ова, секое идно „не можевме“, „не знаевме“, „немавме доволно основи“, „се водеше постапка“ или „не беше проценет висок ризик“ ќе звучи како она што најчесто и е – бирократско алиби за некого чие име не тежи доволно.

Заклучокот е дека во Македонија не сите закани се третираат според нивната тежина, туку премногу често според тежината на човекот кон кого се упатени, а непостапувањето е поврзано и со тоа што заканата доаѓа токму од власта и нивни миленичиња. Затоа не е проблем само еден неразрешен предмет или една задоцнета реакција. Проблем е систем во кој власта за себе бара држава со рефлекси, а за останатите произведува држава со изговори. И кога институциите толку очигледно прават разлика меѓу живот што мора веднаш да се заштити и живот што може да почека, тогаш говориме за многу очигледна селективност која е исклучително опасна. Талогот и елитата.