Со засилено темпо напредува изградбата на новиот мултифункционален објект во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“ во Кавадарци. Проектот, кој постепено ги добива своите конечни контури на терен, има за цел дополнително да ги унапреди спортските капацитети и условите за спортистите во градот.
Новиот објект се простира на површина од 1.000 квадратни метри во основа и ќе се состои од три нивоа: подрум, приземје и кат. Според планираната содржина, во рамки на комплексот ќе бидат сместени:
- Модерна куглана;
- Специјализирана сала за гимнастика;
- 7 апартмани наменети за сместување на спортисти и спортски екипи.
Целата инвестиција е во вредност од 118.000.000 денари, а средствата се целосно обезбедени преку Вториот повик од Владата на Република Северна Македонија.
„Со реализацијата на овој капитален проект, Кавадарци уште еднаш го потврдува својот статус на модерен, активен и спортски ориентиран центар, овозможувајќи подобри услови за професионален спорт, рекреација и развој на младите таленти“ – велат од локалната самоуправа.




