Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, во гостувањето во емисијата „ТВ Објектив“ објави важни новости за модернизацијата на образованието и воведувањето на едносменската настава од претстојната училишна година.
По повеќегодишни вложувања во инфраструктурата — реновирање училишта, нови покриви, изолации и изградба на спортски сали — Општина Кавадарци, во соработка со Министерството за образование, успешно ја заврши анализата за премин кон едносменско работење.
„Успеавме, без разлика на категоријата на наставници — било да се одделенски, предметни или останат кадар — да обезбедиме никој да не остане без работа. Сите вработени го задржуваат својот работен ангажман, што беше една од основните грижи кај наставничкиот колектив.“ — истакна Јанчев.
Планови по училишта
- Од септември во една смена: Наставата во една смена започнува во ООУ „Тошо Велков – Пепето“ и ООУ „Димка Ангелов – Габерот“.
- Следни фази (2027/2028 година): Останатите две основни училишта — ООУ „Гоце Делчев“ и ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ — ќе преминат во едносменска настава во училишната 2027/2028 година. За оваа намена веќе се обезбедени буџети за доградба на уште 14 училници.
Нови содржини и можности за учениците
Јанчев нагласи дека едносменското работење не значи само препладневна настава, туку и трансформирање на училиштата во современи образовни центри.
Со оваа промена, училиштата ќе им овозможат на децата во попладневните часови да учествуваат во креативни проекти, спортски активности, забавни содржини, па дури и користење на базини и СПА-содржини што им стојат на располагање.
А.Д