Неготино го решава водоснабдувањето

Општина Неготино продолжува со спроведување на проектите за подобрување на состојбите со водоснабдувањето во општината. Проектите за хидраулично регулирање на притискот на водата за пиење, изградбата на 2 нови резервоари за обезбедување на дополнителни количини вода, замена на старите со нови автоматизирани водомери, реконструкција на водоводната мрежа на улици во градот во должина од 8 километри се проекти кои општина Неготино ги реализира и ќе ги реализира со кои ќе дојде до подобрување на состојбите со водоснабдувањето како и долгорочното обезбедување на 24 часовно водоснабдување. Првичните резултати од спроведување на дел од проектите ги почувствуваа неготинските граѓани со укинувањето на 12 часовните дневни и ноќни рестрикции.

Во контекст на ова, стручните служби при локалната самоуправа заедно со соработка со одговорните лица во ЈП „ Комуналец “ континуирано ја следат состојбата на терен, ги откриваат дефектите и преземаат навремени активности за санација на состојбите и проблемите. Како што истакнува градоначалникот Ванчо Апостолов, поголем дел од дефетите се регистирани и за кратко време ќе се премине на нивната санација. Како што информираат од општината наскоро ќе започне  процесот на замена на старата дотраена водоводна мрежа на потегот од винарската визба „ Повардарие “ до селото Дуброво во должина од 1200 метри, каде се откриени најголеми загуби на територијата на општината од 13 до 15 литри во секунда, а со санирањето на состојбите на терен, овие загубени количини вода ќе доаѓаат до домовите на граѓаните на Неготино  и дел од населените места. Потребните средства за реализација на овој  проект ќе се обезбедат од Буџетот на општина Неготино.

 М.Алексовска